Активности

Среда, 23 септември 2020

Средба на претседателот на Џафери со Н.Е. Ѓерѓ Дедај

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денеска оствари средба со амбасадорот на Република Косово, Н.Е. Ѓерѓ Дедај. 

Претседателот Џафери изрази задоволство од добрите и конструктивни билатерални односи меѓу Република Северна Македонија и Република Косово, како и плодната меѓупарламентарна соработка. Како особено значајна тој ја оцени соработката во рамките на Парламентарното собрание на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, упатувајќи честитки за успешното заокружување на претседавањето на Собранието на Република Косово со овој значаен форум за политички и дипломатски дијалог. Тој се заложи за унапредување на економската соработка и инфраструктурното поврзување меѓу Северна Македонија и Косово, нагласувајќи дека отворањето на новите гранични премини во голема мерка ќе ги олеснат бизнис иницијативите и комуникацијата меѓу граѓаните.

Амбасадорот Дедај упати честитки за демократски спроведените парламентарни избори и повторниот избор на Џафери за претседател на Собранието на Република Северна Македонија. Оценувајќи дека земјава се движи во вистинската насока, тој изрази задоволство од соработката со институциите на Република Северна Македонија и го поздрави историскиот напредок со членството во НАТО и охрабрувачките резултати за почеток на преговорите со ЕУ. Амбасадорот се осврна на состојбата во Косово и на Договорот за економска соработка меѓу Република Косово и Република Србија, потпишан во Вашингтон, кој го оцени како историски.

На средбата стана збор и за здравствените, економските и социјалните предизвици од пандемијата на Ковид-19, при што беше оценето дека е неопходна заедничка активност и соработка меѓу земјите од регионот за надминување на последиците од пандемијата, како и за изнаоѓање начин за олеснување и потполна либерализација на движењето на граѓаните меѓу државите.

Соговорниците се согласија дека заедничките стратешки цели и определби на Северна Македонија и Косово даваат гаранција дека ќе продолжи праксата на негување на добрососедските односи и се заложија за натамошно унапредување на билатералната комуникација.

На крајот од средбата, претседателот Талат Џафери му посака успешен мандат на новиот генерален конзул на Република Косово во Република Северна Македонија со седиште во Струга, Агим Красниќи, кој  исто така присуствуваше на средбата.

Click