Активности

Петок, 1 октомври 2021         

Студиска посета на Собраниска делегација на Хрватскиот парламент и Државниот завод за ревизија

Потпретседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Горан Мисовски; членот на Комисијата за финансирање и буџет, пратеникот Диме Велковски и заменикот на генералниот секретар, Бојан Василевски, од 26 септември до 1 октомври  2021 година, се во студиска посета на Парламентот на Република Хрватска и Државниот завод за ревизија на Република Хрватска.

Студиската посета е во рамките на Твининг проектот на ЕУ-ИПА „Подобрување на надворешната ревизија и парламентарниот надзор“’.

Во рамките на третата компонента на овој Проект, предвидено е зајакнување на капацитетите и соработката на Државниот завод за ревизија со Собранието на Република Северна Македонија, што е под особен мониторинг на Европската Унија и се однесува на анализата на фактичката состојба на разгледување на ревизорските извештаи од страна на Собранието, компаративна анализа на механизмите на разгледување на ревизорските извештаи во парламентите на земјите членки на Европската Унија и подготвување на препораки за зајакнување на интерните процедури односно механизми во Собранието, согласно најдобрите пракси од ЕУ.

На студиската посета пратениците се запознаа со начинот на соработка помеѓу Државниот завод за ревизија и Парламентот на Р. Хрватска, соработката помеѓу Комисијата за финансирање и буџет и Државниот завод за ревизија на Р.Хрватска и начинот на разгледување на конечните ревизорските извештаи.

Во рамките на посетата, потпретседателот Мисовски и пратеникот Велковски остварија средба со потпретседателот на Собранието на Р.Хрватска, Рејнер. На средбата се разговараше за континуираната билатерална соработка меѓу двете земји и иницијативите за унапредување на соработката во различни области од заеднички интерес.

Потпретседателот Мисовски се заблагодари за поддршката која Р.Хрватска ѝ ја дава на Република Северна  Македонија во евроинтегративните процеси. Мисовски изрази надеж дека по направениот компромис со Р.Грција околу спорот со името на државата, а имајќи ги предвид моменталните односи со Р.Бугарија, конечно ќе се откочи целиот процес и Република Северна Македонија ќе стане дел од големото европско семејство. Соговорниците се сложија дека парламентарната дипломатија има важна улога во зајакнување на понатамошната соработка меѓу двете земји.

Во рамки на посетата беа остварени  средби со Гроздана Перич, претседателка на Комисијата за финансирање и буџет и Ермина Лекај, Силвано Хреља и Ерик Фабијанич, членови на Парламентарната група за пријателство помеѓу Република Хрватска и Република Северна Македонија.

Членовите на Делегацијата ги информираа своите колеги дека во Собранието на Република Северна Македонија, согласно одредбите на Законот за државната ревизија, на седница на надлежната Комисија за финансирање и буџет се разгледува Годишниот извештај за извршените ревизии и за работењето на Државниот завод за ревизија. Врз основа на расправата, Комисијата усвојува заклучоци кои ги предлага на Собранието. Собранието го разгледува Годишниот извештај за извршените ревизии и за работењето на Државниот завод за ревизија и по истиот усвојува заклучоци. Согласно Законот за државната ревизија, во Собранието се доставуваат сите конечни извештаи на ДЗР за извршена финансиска ревизија, ревизија на усогласеност и ревизија на успешност. Собранието на Република Северна Македонија  и  Државниот завод за ревизија  се во постојана комуникација во насока на изнаоѓање на соодветен модел за разгледување на конечните ревизорски извештаи со што би се постигнала поголема ефикасност и ефективност во спроведувањето на препораките дадени во ревизорските извештаи што ќе влијае на зајакнување на надзорот и контролата на трошењето на јавните финансиски средства. Постоењето на формална и институционална рамка на соработка, процесирање на ревизорските извештаи, нивно разгледување и дискутирање во работните тела на Собранието е незаменлива придобивка во јавната контрола и увид во трошењето на јавните средства.

Благодарение на искуствата од другите земји, во Собранието веќе се започнати консултации за формално третирање на ревизорските извештаи во насока на воспоставување на ефективен механизам на разгледување на ревизорските извештаи и донесување заклучоци по истите.

На крајот на посетата, пратениците изразија голема благодарност за поддршката која Европската Унија му ја дава на Собранието по однос на започнувањето на постапката за разгледување на конечните ревизорски извештаи и се изрази надеж дека позитивните искуства од Парламентот на Р. Хрватска што поскоро ќе се применат и во Собранието на Република Северна Македонија.

Click