Активности

Петок, 10 декември 2021

ТАИЕКС конференцијата на тема: Пристапување кон ЕУ, новата методологија и кластерот „Фундаменти“: што се менува за Собранието на Република Северна Македонија?

Собранието на Република Северна Македонија, во организација на Комисијата за европски прашања, а со поддршка на Европската комисија, ГД за соседство и преговори за проширување, на 9 и 10 декември ја одржа ТАИЕКС конференцијата на тема: Пристапување кон ЕУ, новата методологија и кластерот „Фундаменти“: што се менува за Собранието на Република Северна Македонија?

На конференцијата, која ја отвори претседателот на Комисијата за европски прашања, Арбер Адеми и заменикот на генералниот секретар на Собранието, Бојан Василевски, учествуваа членовите, замениците на Комисијата и на Националниот совет за евроинтеграции, како и стручната служба во Собранието која работи на ЕУ прашањата.

Претседателот на Комисијата за европски прашања, Арбер Адеми, ја потенцираше важноста на одржувањето на оваа конференција посветена на Новата методологија, која воведува посилен политички надзор од земјите членки и реверзибилност на процесот на преговарање. Тој истакна дека почетокот на долгоочекуваните преговори со ЕУ ќе биде дополнителен поттик за понатамошна имплементација на неопходните реформи во Собранието.

Заменик-секретарот на Собранието, Бојан Василевски, истакна дека можноста за користење на услугите на ТАИЕКС, особено во делот на обезбедување на техничка помош при транспонирање и спроведување на законодавството на ЕУ, е од исклучително значење за Собранието на Република Северна Македонија.

Воведни обраќања за улогата на Комисијата за европски прашања во Парламентот, дадоа претседателот на Комисијата за европски прашања во Парламентот на Австрија, Рајнхолд Лопатка и потпретседателката на Комисијата за европски прашања во Националното собрание на Франција, Лилиана Танги.

Во нивните презентации, посебно беше потенцирана централната улога на Комисијата за европски прашања во процесот на хармонизација на националното со европското закондавство, како и во периодот на пристапните преговори за членство во ЕУ. Во контекст на европските интеграции, двајцата говорници истакнаа дека потребно е да се зајакне улогата на Парламентот како форум за конструктивен политички дијалог, во кој треба да бидат вклучени и граѓаните и граѓанското општество преку своите претставници во Парламентот.

Говорејќи за австриските парламентарни искуства, Лопатка појасни дека Австрија како федерална држава, во пристапниот процес формирала три  работни тела да ги следат евроинтегративните процеси, и тоа Комисијата за ЕУ, Поткомисијата за ЕУ во Националниот совет, како и Комисијата за ЕУ во Федералниот совет.

Лилиана Танги, осврнувајќи се на француските искуства, во поглед на транспонирањето на европското законодавство во националното, истакна дека Комисијата за европски прашања врши контрола над работата на Владата, вклучително и на нејзините активности од европската агенда. Во тој контекст нагласи дека Комисијата ги разгледува сите нацрт-регулативи и директиви на ЕУ, и врши парламентарна контрола врз владините претставници во Брисел.

Државниот советник за европски политики и координација во Секретријатот за европски прашања, Драган Тилев, говореше за правната и институционалната рамка  за водење на процесот за  европска интеграција, но и за потребните подготовки за одржување на првата меѓувладина конференција. Тој истакна дека земјата сега е фокусирана на одобрувањето на Преговарачката рамка од страна на земјите ЕУ членки, која е во согласност со новата методологија. Истакна дека новата методологија не е материјализирана во оперативен документ и првпат тоа се прави со нашата преговарачка рамка. Сите елементи од новата методологија детално се внесени во преговарачката рамка и таа ги утврдува условите под кои ќе бидеме примени во Европската Унија.

Во рамките на дискусијата за новата метологија беше и обраќањето на Микела Матуела, ВД директор за ЗБ во Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување на Унијата,  која  во своето излагање се осврна на новиот пристап за пристапни преговори и ЕУ перспективите на земјата, како и на постигнатиот напредок во поглед на имплементација на агендата поврзана со ЕУ.

Претседателот на  Националниот совет за евроинтеграции, Александар Николоски, се осврна на улогата на опозицијата во евроинтегративните процеси, при што ја истакна конструктивната улога на опозицијата за ЕУ прашањата, посебно за потребата за усогласување на нашето со европското закондавство, со забелешка  дека не треба нивната поддршка да се злоупотреби со користење на скратени постапки и обележување со европско занаменце на закони кои не се европски.

По воведните излагања, се разви дискусија, во која учествуваа пратеничките: Соња Мираковска, Снежана Калевска-Ванчева, Марија Петрушевска и Жаклина Пешевска.

Притоа беше истакнато дека Северна Македонија предолго чека за почеток на преговорите и дека Меѓувладината конференција би требало да се одржи  што поскоро, односно да се добие зелено светло на декемврискиот совет на ЕУ. Соговорниците се согласија дека со одолговлекување на почетокот на пристапните преговори, се зголемува разочараноста на населението, и дека поради тоа, неопходно е да постои политички консензус во однос на ова прашање.

Во заклучните согледувања, високите гости од Австрија и Франција ја искажаа поддршката од страна на Француската Република и Австрија за наше придвижување кон ЕУ, а стана збор и за можностите за надминување на пречките кои стојат на патот кон формално отпочнување на пристапните преговори со Унијата, осврнувајќи се, пред сѐ, на проблемот што беше наметнат од страна на Република Бугарија.

Click