Активности

Петок, 24 септември 2021

Трета тематска сесија за родово сензитивни политики и процедури во Собранието

Денес се одржа Третата тематска сесија за родово сензитивни политики и процедури во Собранието, на која воведни излагања имаа Гордана Сиљановска-Давкова, претседателка на Комисијата за еднакви можности на жените и мажитe и Лолита Ристова, претседателка на Клубот на пратенички.

Сиљановска-Давкова потенцираше дека во компаративно парламентарно право годишно се поставуваат по неколку илјади пратенички прашања, додека кај нас тој број е значително помал. Таа, исто така, се осврна и на контролната функција која Собранието ја има преку поднесените интерпелации на владините министри, изразувајќи жалење што истите не се проследуваат во точно утврдените рокови. Сиљановска ја посочи потребата од постоење на министерство за родова еднаквост или барем министерка без ресор која ќе го води овој ресор. Во однос на надлежностите на Комисијата, таа посочи дека доколку сакаме да имаме родово сензитивно законодавство и надзорна функција, треба да имаме редовна постапка на донесувањето на законите и доволно време за подготовка. Исто така, според неа, во самиот текст на закон треба да има одредба која ќе посочува дека законот има родова димензија, со која ќе се трасира патот на тој закон во надлежната комисија.

Ристова во своето обраќање се осврна на надзорната улога на Собранието, предвидено во член 61 од Уставот, a со особен акцент на потребата за родово сензитивен надзор. Според неа, Клубот и Комисијата треба да го имаат најголемото влијание токму во овој дел, потенцирајќи ги притоа клучните прашања за проценка на влијанието на регулативата. Нејзиниот заклучок беше дека за ефикасен родов надзор неопходни се измени на  Деловникот и на Законот за Собрание.

Сесијата започна со краток осврт на заклучочците од втората тематска сесија „Вознемирување и сексуално вознемирување“ одржана на 2 јули 2021, која беше дел од циклусот работни состаноци чија цел е подобрување на Деловникот и другите процедури и политики во Собранието од аспект на родот и различностите. Претставниците на Мисијата ги презентираа најдобрите практики и меѓународни стандарди за парламентарните политики и практики за вознемирување и сексуално вознемирување, домашната правна рамка, како и коментарите на ОДИХР за Деловникот и Законот за Собранието од аспект на родот и различноста.

Потоа следеше презентација на клучните наоди и препораки од анализата и коментарите на ОДИХР кои се однесуваат на родово сензитивното законодавство и надзор од Билјана Котевска, национална експертка за родова еднаквост и Резарт Мехмед, национален програмски офицер од Мисијата на ОБСЕ во Скопје, кои се осврнаа и на методологијата за проценка на влијание на регулативата - научени лекции и иден потенцијал за родово сензитивно законодавство.





Click