Активности

Понеделник, 31 мај 2021

Учество на Арбер Адеми на КОСАК конференција

Претседателот на Комисијата за европски прашања на Собранието, Арбер Адеми, учествуваше на виртуелната Конференција на комисиите за европски прашања на земјите ЕУ членки-КОСАК, што се одржува  во Лисабон, во рамките на Португалското претседателство со ЕУ.

Адеми имаше обраќање на Првата сесија посветена  на  Приоритетите на португалското ЕУ претседателство, на која свои воведни излагања имаа: претседателите на: Португалскиот парламент, Едуардо Фереро Родригез; на Владата на Португалија, Антонио Каста и на Европскиот парламент, Давид Мариа Сасоли. Притоа, беше истакнато дека ова четврто по ред ЕУ претседателство на Португалија е одбележано со почетокот на примената на пакетот за закрепнување на ЕУ, по кризата која ја предизвика пандемијата на Ковид-19.

Во врска со темата, Адеми ѝ се заблагодарам на Португалија, која како дел од триото на претседателства, ја продолжи политиката на претходниот претседавач со ЕУ, Германија, во однос на поддршката на проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан. Притоа, посебно ја истакна поддршката и заложбите за спроведување на одлуката за почеток на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ.

Адеми  потсети дека земјата има направено многу во однос на исполнувањето на ЕУ реформите и дека Eвропскиот совет би требало во јуни конечно да ја материјализира одлуката за почеток на преговорите од март минатата година, преку усвојување на Преговарачката рамка и одржувањето на Првата меѓувладина конференција.

Во врска со отворените прашања со соседна Бугарија, истакна дека  Предлогот од Португалското претседателство со Советот на Европската Унија, за надминување на прашањата со соседна Бугарија, од наша страна, беше оценет како добра основа за конечно решение.

Адеми посочи дека одолговлекувањето на проблемот не е во ничиј интерес, ниту на Северна Македонија, ниту на Бугарија, ниту пак на Европската Унија, во смисла на кредибилноста и влијанието што Унијата го има во овој регион.

Во рамките на Конференцијата, дискутантите се осврнаа и на мотото на  Португалското претседателство - „Време е за резултати: Чесно, зелено и дигитално закрепнување“,  но  и на другите приоритети,  и тоа:  на социјалните права, промоцијата на европскиот социјален модел, еднаквоста на половите и борбата против дискриминацијата. 

Click