Активности

Среда, 1 декември 2021

УЧЕСТВО НА ДЕЛЕГАЦИЈАТА ВО ПС НА НАТО НА ТРАНСАТЛАНТСКИОТ ФОРУМ ВО ВАШИНГТОН

Парламентарното собрание на НАТО, во соработка со Националниот одбранбен универзитет на САД, од 29 ноември до 1 декември 2021 година, по дваесет и прв пат го организираа традиционалниот Трансатлантски форум во Вашингтон Д.Ц..

На настанот, на кој присуствуваа над 100 парламентарци од земјите членки на НАТО и Финска со асоцијативен статус, учествуваше и Делегација од Собранието на Република Северна Македонија во состав: Арта Билали Зендели, шеф и членовите Илија Николовски и Антонијо Милошоски.

Состанокот, кој во најголем дел се одржа зад затворени врати, претставуваше одлична можност за размена на мислења околу клучните надворешно-политички приоритети на САД со високи американски функционери во администрацијата на претседателот Бајден и врвни американски експерти.

Свои воведни видувања даде претседателот на Парламентарното собрание на НАТО, Џералд Коноли, кој истакна дека актуелната реалност и предизвиците со кои се соочува Алијансата треба да претставуваат основа за финализирање на столбовите на новиот Стратешки концепт на НАТО.  Ова особено го стави во контекст на сè поголемите закани на демократијата и заедничките споделени вредности на земјите членки, кои налагаат институционализација на структура за нивна заштита, повикувајќи на поддршка на неговата идеја за основање на центар за демократска отпорност во рамките на НАТО.

Клучните теми на дискусија беа рефлексија на темите кои се предмет на разработка во идниот Стратешки концепт, а особено односите со Русија и Кина, регионалните случувања во Украина и Белорусија, Блискиот Исток и научените лекции од Авганистан.

Милошоски се вклучи со свои видувања за непосредното соседство на Русија, со особен акцент на Белорусија и Украина и поддршката на НАТО на демократските процеси во овие држави.

Во однос на Западен Балкан, кој беше тематизиран во засебен панел, Зендели дебатираше за што поскоро деблокирање на евроинтегративниот пат на Република Северна Македонија и Република Албанија. Ставовите на актуелната американска администрација демонстрираа нивен зајакнат ангажман, јасна поддршка за интеграција на земјите од регионот во Европската Унија и за зачувување на нивниот територијален интегритет. 

Click