Активности

Вторник, 1 јуни 2021

УЧЕСТВО НА НЕНАД КОЦИЌ НА СЕДНИЦА НА КОМИТЕТОТ ЗА ПАРЛАМЕНТАРНИ ПРАШАЊА НА ПАРЛАМЕНТАРНОТО СОБРАНИЕ НА ФРАНКОФОНИЈАТА

Во рамките на редовните активности, Комитетот за парламентарни прашања на Парламентарното собрание на Франкофонијата ја одржа својата редовна седница во виртуелен формат. На седницата учествуваше пратеникот Ненад Коциќ, член на Делегацијата од Собранието на Република Северна Македонија и член на Комитетот.

Пратениците разменија мислења околу актуелните случувања во светот и начинот на работење и функционирање на националните парламенти во услови на пандемија и индивидуалните искуства за справување со последиците предизвикани од вирусот Ковид-19. Посебен акцент беше ставен на дигиталните алатки кои се користени во различни земји за време на пандемијата, особено во поглед на собирањето и заштитата на личните податоци и потребата за нивно законско регулирање, со цел спречување на можни злоупотреби. Се дискутираше и за ширењето на лажните вести и нивното влијание на парламентарното работење, стабилноста на институциите и изборните процеси.

Во однос на клучната улога на парламентите како симболи и стожери на модерната демократија во време на криза, актуелната пандемија покажа дека, како институции, истите успеале да демонстрираат одржливост и да го задржат својот модерен концепт, функционирајќи на далечина и адаптирајќи се на новонастанатите состојби.  

Click