Активности

Четврток, 27 мај 2021 година

Учество на собраниска делегација на 142. Собрание на ИПУ

Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија во Интерпарламентарната унија (ИПУ) во состав: Талат Џафери, претседател на Собранието и шеф на Делегацијата, пратениците: Диме Велковски, Никола Мицевски, Ели Панова и Арбер Адеми, членови на Делегацијата и Цветанка Иванова, генерален секретар на Собранието, учествува на 142. Собрание на ИПУ, што се одржува од 24 до 28 мај 2021 година во виртуелен формат. 

На 142. Собрание на ИПУ учествуваат околу 1.000 претставници од 135 земји членки на Унијата, од кои 45 се претседатели на парламенти. Во фокусот на дебатата се: улогата на парламентите во надминувањето на последиците од пандемијата; парламентарни стратегии за зајакнување на мирот и безбедноста во пресрет на предизвиците и конфликтите што произлегуваат од климатските катастрофи; актуелизирање на дигитализацијата и циркуларната економија за постигнување на Целите за одржлив развој, одговорна потрошувачка и производство; законодавство ширум светот за борба против сексуалната експлоатација на децата преку Интернет и др.

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, учествуваше во генералната дебата, што се одржа на 26 мај 2021 година на тема: „Надминување на пандемијата денес и градење на подобро утре: улогата на парламентите“.

Се очекува Собранието на ИПУ да усвои финален документ, како и резолуциите предложени од Комисијата за мир и меѓународна безбедност и од Комисијата за одржлив развој.

Интерпарламентарната унија е светска организација на парламентите, во која членуваат 179 национални парламенти и 13 меѓународни парламентарни собранија. Основана во 1889 година, ИПУ е најстарата мултилатерална политичка организација и најголемата меѓупарламентарна асоцијација. Унијата работи на зачувување на мирот и промовирање позитивни демократски промени преку политички дијалог и конкретни активности и им помага на парламентите да станат посилни, порепрезентативни и родово балансирани. Светската организација на парламентите има седиште во Женева и тесно соработува со Организацијата на Обединетите нации и другите партнерски организации, чии цели ги споделува.

Click