Активности

Недела, 4 април 2021 година

Учество на собраниска делегација во Мисијата на ПС на ОБСЕ за набљудување на парламентарните избори во Бугарија

Пратениците Игор Јанушев, шеф на Делегацијата во Парламентарното собрание на ОБСЕ (ПС на ОБСЕ), Моника Зајкова и Халил Снопче, членови на Делегацијата, учествуваат во Мисијата на ПС на ОБСЕ за набљудување на парламентарните избори во Република Бугарија, што се одржуваат на 4 април 2021 година.

Мисијата се состои од околу 45 парламентарци од 12 земји на ОБСЕ, кои се распоредени за набљудување на парламентарните избори во главниот град Софија и другите региони. Набљудувачите на ПС на ОБСЕ тесно соработуваат со колегите од Канцеларијата за демократски институции и човекови права на ОБСЕ (ОБСЕ/ОДИХР) и од Парламентарното собрание на Советот на Европа.

Во пресрет на изборите, набљудувачите учествуваа на онлајн брифинзи со високи претставници на политичките партии и коалиции што учествуваат на парламенарните избори во Бугарија, со шефот и експертите на Долгорочната мисија на ОБСЕ/ОДИХР за набљудување на изборите, со претседателите на Централната изборна комисија, Советот за електронски медиуми и Националниот завод за ревизија, како и претставници на медиумите и аналитичари.

Мисијата за набљудување на изборите, која е распоредена по добиената покана од Министерство за надворешни работи на Република Бугарија, треба да процени дали изборите се спроведуваат согласно демократските заложби содржани во Копенхагенскиот документ на ОБСЕ од 1990 година. На 5 април, ден по изборите, набљудувачите ќе ја презентираат прелиминарната изјава за процена на изборите на прес-конференција во Софија, која ќе се пренесува во живо на веб-страницата на ПС на ОБСЕ (www.oscepa.org).

Парламентарното собрание на ОБСЕ го сочинуваат 323 парламентарци од 57 земји од Европа, Централна Азија и Северна Америка. Собранието обезбедува форум за парламентарна дипломатија, набљудување на избори и зацврстување на меѓународната соработка за исполнување на заложбите на ОБСЕ во врска политичките, безбедносните, економските прашања, прашањата за човековите права и животната средина.

Click