Активности

Четврток, 16 декември 2021

Усогласување на Кривичниот законик со Истанбулската конвенција за нулта толеранција за насилството кон жените

Комисијата за еднакви можности на жените и мажите вчера одржа Јавна расправа за Предлог-законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик. Гордана Сиљановска-Давкова, претседателка на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, ja отвори седницата со поздравно обраќање до присутните.

Министер за правда, Бојан Маричиќ, накусо го објасни процесот на изготвување на законските измени за кои денес јавно дебатираме, како максимално инклузивен и во него беа вклучени судии и јавни обвинители кои реално го применуваат овој закон, како и правни експерти и невладини организации. Тој истакна дека биле земени предвид и препораките на релевантните тела на Обединетите нации, а пред сѐ Комитетот за елиминација на дискриминација спрема жената, но и бројни компаративни искуства и извештаи од надлежниот комитет во рамките на Советот на Европа за следење на спроведувањето на Истанбулската конвенција - ГРЕВИО за евалуација на одредени држави. Понатаму, тој во куси црти се осврна на конкретните измени и дополнувања, и додаде дека истите се однесуваат на усогласување на Кривичниот законик со Истанбулската конвенција, со што се испраќа порака дека оваа Влада работи на исполнување на целите на Конвенцијата, дека нема толеранција за насилството кон жените, како во рамките на семејството, така и во јавноста и дека ги исполнуваме конкретните и задолжителни обврски како држава, во насока на заштита на жените од насилство, преку воведување и примена на холистички пристап во имплементирање на обврските.

Ана Аврамоска-Нушкова, правна експертка од Национална мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, ги сподели забелешките со цел да се доунапреди Кривичниот законик за да се овозможи целосна заштита на жените жртви на насилство. Во име на Мрежата, ја поздрави заложбата на Владата и постигнатиот напредок преку ратификацијата на Истанбулската конвенција, донесувањето на петгодишниот национален акциски план кој предвидува низа активности, особено за усогласување на целокупната легислатива со Конвенцијата. Во однос на предложените измени и дополнувања, таа констатираше дека начелно ГО се задоволни, но истите сепак не се целосни, односно постои можност за подобрување, а во насока на посеопфатна и поефективна заштита на жените жртви на родово базирано и семејно насилство.

Извршната директорка на Центарот за истражување и креирање политики, Марија Ристеска, истакна дека најголем успех во процесот на донесување на овие законски измени, е признавањето на граѓанското општество како партнер на Владата во процесот на усогласување на нашиот Кривичен законик со Истанбулската конвенција. Таа изрази благодарност до Комисијата за можноста на оваа јавна расправа да се дискутира и да се изгради консензус помеѓу пратениците и пратеничките од сите политички партии во однос на забелешките доставени од граѓанските организации.

Академикот Владо Камбовски од работната група која работела на предложените измени и дополнувања, истакна дека Истанбулската конвенција прави значаен чекор во унапредување на концептот на човековите права воопшто, затоа што руши некои вековни, културни и цивилизациски парадигми. Тој, во своето излагање, ги информираше присутните за процесот на работата на предложените законски измени, составот на групата која работела на истите, а воедно се произнесе и за забелешките доставени од граѓанските организации. 

Во дискусијата учествуваа пратеничките: Арта Билали-Зендели, Маја Морачанин и Снежана Калеска-Ванчева, како и претставници од граѓанските организации, и тоа: Стојан Мишев од ЕСЕ, Савка Тодорова од НСРР, Весна Матевска од ХЕРА, Ина Џугуманова од Хелсиншкиот комитет за човекови права и адвокатките Билјана Андонова и Марта Гусар.

Сиљановска-Давкова по дискусијата предложи пратеничките и пратениците да поднесат заеднички амандмани согласно забелешките изнесени од присутните. Понатаму, таа додаде дека е неопходен зајакнат и редовен постзаконодавен надзор, што е и главна активност на ХУГЕН мрежата, поддржана од Вестминстерската фондација, а тоа е еден начин на кој може да му се помогне на предлагачот и да се ревидираат политиките кои не даваат резултати. Според неа, на сите собраниски комисии, во духот на инклузивноста, треба да се вклучи невладиниот сектор, да се развие дијалог со експертската јавност и на тој начин ќе се носат подобри законски решенија. 

Click