Активности

Четврток, 4 март 2021 година

Вебинар на тема:„Зајакнување на законодавната етика во Република Северна Македонија“

Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања на покана на Партнерство за демократија на Претставничкиот дом на САД (ХДП), денеска, учествуваше на вебинар на тема:„Зајакнување на законодавната етика во Република Северна Македонија“, кој се одржа преку онлајн платформата Zoom.

Покрај членовите на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, се вклучија и претставниците на Комисиите: за политички систем и односи меѓу заедниците, за избори и именувањата и на Законодавно-правната, како и дел од собраниската служба.

Целта на оваа виртуелна размена на колеги беше да ги зближи претставниците на Конгресот на САД и Собранието, да дискутираат за значајноста на ефективните рамки за етика и за интеграција на етиката во законодавната работа.

На почетокот на вебинарот, се обрати Панчо Минов, претседателот на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, кој изрази голема благодарност до ХДП, за покажаниот интерес, големиот придонес и поддршката на парламентот на Република Северна Македонија. Тој зборуваше за собранискиот Кодекс за етичкото однесување на пратениците и можноста од негово дополнување и допрецизирање на одредена терминологија.

Учесниците на кратко беа запознаени со историјатот и краток преглед на етиката во Владата на САД, каде беше истакната важноста од формализирање на регулативите за етика, процесот за создавање рамка за етика на Конгресот на САД, и неговиот развој низ времето.

Прирачникот на Комисијата за етика на Преставничкиот дом на САД, го презентираше Сара Мајерс-Матшал, од Комисијата за етика на Претставничкиот дом на САД, каде во фокус беа регулативите поврзани со конфликтот на интереси, подароците, мерките за спречување злоупотреба на имот и фондови, како и користењето на официјалните ресурси. 

Во дискусијата зедоа учество координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски и пратеничката Снежана Калеска-Ванчева. 

Мицевски ѝ упати благодарност за корисната презентација на експертката Матшал, а во однос на донесениот Кодекс, рече дека тој е чекор напред за функционирањето на Парламентот. Исто така потсети и на донесувањето на Законот за спречување на корупција како и на формирањето на ДКСК.

Ванчева рече дека Кодексот е солидна основа, но следно нешто што ни претстои е доразработување на правилата и примената на етичкиот кодекс, како и потребата од назначување на офицер за етика.

Во втората сесија, беа споделени најдобрите пракси за развој и обезбедување ефективни обуки за членовите и персоналот, со цел да им се помогне да се воведат во етичката сообразност.

Важноста од обука и едукација за подигнување на свеста за градење сообразност, ја претставија  Тамар Неџар, од Комисијата за етика на Претставничкиот дом на САД и Карина Дис, надзорен правен советник, од Министерството за здравство и човечки услуги на САД.

Пратеничките Белкиса Зеќири и Марија Костадинова, изразија интерес за тоа кои финансиски показатели се објавуваат за пратениците и кои се информации може да се поделат со јавноста, а сепак да се одржи доверливоста и отчетноста при работењето.

Click