Активности

Среда, 21 април 2021

Видео-конференција на Парламентарниот комитет за култура при ПД-ЦЕИ

Во рамките на видео-конференцијата на Парламентарниот комитет за култура при Парламентарната димензија на Централно-европската иницијатива (ПД-ЦЕИ), кој се одржа во Будимпешта, Република Унгарија, која воедно е и претседавач со овој Комитет, свое учество имаа и пратениците од Собранието на Република Северна Македонија, Рашела Мизрахи во својство на шеф на Делегацијата и Кастриот Реџепи како член на Делегацијата.

Тема на оваа видео-конференцијата на Парламентарниот комитет за култура беше „Културните различности и идентитети во Европа“.

Во воведниот дел на конференцијата поздравни обраќања имаа: Атила Тилки, претседавач со Комитетот за култура Зоран Јовановиќ, заменик на генералниот секретар на ПД-ЦЕИ.

Во работниот дел на конференцијата со свои излагања учествуваа: Каират Абдрахманов, висок комесар за национални малцинства при ОБСЕ; Јероен Шокенброек, директор на Директоратот за антидискриминација при Советот на Европа и Херберт Дорфман, член на Европскиот парламент.

Акцентот на нивните настапи беше ставен на значењето во прифаќањето и почитувањето на различните културни вредности, како и значењето на вредноста на употребата на различните јазици како висока европска вредност. Секој од излагачите, во рамките на своите институции, ги изложи сите активности кои се преземени во изминатиот период во насока на развој и почитување на културните вредности.

Во рамките на оваа конференција свое обраќање имаше и шефот на македонската делегација при ПД-ЦЕИ, Рашела Мизрахи. Таа ја потенцираше важноста и нужноста од почитување на културните различности и напомена дека Македонија низ изминатите вековите претставувала една раскрсница на културните вредности и цивилизации на Балканот и како земја претставува одличен пример каде што се почитуваат културните вредности и традиции. Исто така, Мизрахи истакна дека во нашата земја се ратификувани сите значајни и важни меѓународни конвенции кои се однесуваат на заштитата на културните вредности, и од тој аспект, ние како држава, имаме значаен придонес во мултилатералната правна регулатива од оваа област во Европа.

На крајот на конференцијата, со завршно обраќање и поздрав до учесниците се обрати Атила Тилки како претседавач на овој Парламентарен комитет за култура при ПД-ЦЕИ.                                                                                                                                                                                                                                                                  

Click