Активности

Понеделник, 26 април 2021 година

Видео состанок на членовите на Управувачките групи на Собранието и шведскиот Риксдаг 

Во рамките на соработката помеѓу Риксдагот на Шведска и Собранието на Република Северна Македонија, денеска, се одржа видео состанок меѓу членовите на Управувачките групи на двете страни. 

На состанокот учествуваа претседателот на Управувачката група и потпретседател на Собранието, г. Фадил Зендели, како и членовите г. Мартин Костовски, г-ѓа Маја Морачанин, г-ѓа Гордана Силјановска-Давкова, г. Александар Велјановски, г-ѓа Арта Билали Зендели, г-ѓа Арбана Пашоли и г. Халил Снопче.

Во воведните зборови на претседавачите г. Фадил  Зендели и г-ѓа Лота Џонсон Форнаве беше поздравена соработката иницирана од шведската страна, која има за цел да придонесе за размена на искуства, пренесување на добри практики и подобро меѓусебно разбирање на пратениците. 

На видео средбата учествуваа и генералните секретари на двата законодавни дома, г-ѓа Цветанка Иванова и г. Ингвар Матсон,  кои дадоа краток вовед во парламентарната демократија во шведски и македонски контекст, законодавната улога на работата на Парламентот и на комисиите, а пратеникот Ниеми Пири, претседател на комисијата за Европски прашања во шведскиот Риксдаг и пратеничката Маја Морачанин се осврнаа на улогата и условите за работа на пратениците во односните парламенти.

 

Во вториот дел на состанокот, пратениците на двата парламенти се поделија во четири работни групи, во кои дискутираа за улогата на парламентот во законодавниот процес и потребата од промени или подобрувања, потоа за менувањето на улогата и работата на парламентот со текот на времето и главните предизвици и можности со кои се соочуваат, општите услови за работа на пратениците, сличностите и разликите меѓу двете држави, а се информираа и за неформалните структури на парламентарната работа и работните односи и структурите за дијалог меѓу Парламентот и Владата. 

Пратениците резимираа од групните дискусии за спецификите на парламентарната работа, деловниците за работа,  постоењето на календар за работа, фиксни денови за гласање, фреквенцијата на пратенички прашања, унапредувањето на родовата рамноправност и соработката со граѓанскиот сектор. 

Оценувајќи ја размената како многу интересна и корисна за добивање на појасна слика и за воочување на сличностите и разликите меѓу двата законодавни дома, членовите на Управувачките групи на Собранието и на Шведскиот Риксдаг се договорија следниот видео состанок да го одржат на 11 јуни 2021 година, а до крајот на годината да се одржи состанок со физичко присуство или во Северна Македонија или во Шведска.  

Click