Активности

Среда, 24 март 2021

Видео-средба на македонско-австриските парламентарни групи за соработка

Претседателот на Пратеничката група за соработка со Парламентот на Република Австрија, Арбер Адеми и членовите остварија видео-средба со претседателката на Групата за соработка меѓу Австрија и Северна Македонија во Националниот совет на Република Австрија, Стефани Криспер и членовите.

На средбата присуствуваа и пратениците Ане Лашкоска, Силвана Ангелевска, Мирче Аџиоски, Маја Морачанин, Драгица Ѓавочанова, Марија Ангелова и Халил Снопче. 

На видео-средбата се вклучија и амбасадорот на Република Австрија во Република Северна Македонија, Георг Вуцас, како и македонскиот амбасадор во Виена, Ненад Колев.

Претседателот на Групата, Адеми, ѝ се заблагодари на г-ѓа Криспер за  иницирање на видео-средбата меѓу двете Групи за соработка, нагласувајќи дека нивното постоење го покажува заедничкиот интерес за натамошно унапредување на односите и продлабочување на соработката. Тој изрази задоволство што политичките односи меѓу двете држави се карактеризираат со пријателство, разбирање, отворен и интензивен дијалог и истакна дека Република Северна Македоноија високо ја цени континуираната поддршка за евроитеграциите и јасно декларираниот став на Република Австрија за интегрирањето на земјите од Западниот Балкан во ЕУ и во време кога и Унијата се соочува со многу предизвици. Во таа насока беше спомнато и за писмото што деветмината министри за надворешни работи на земји членки на ЕУ, меѓу кои и Австрија, му го упатија на високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Жосеп Борел, за враќање на Западниот Балкан на агендата на ЕУ.

Претседателката на Австриската група, Стефани Криспер, истакнувајќи дека во два последователни мандати е координаторка на Групата за соработка со Собранието на Република Северна Македонија, нагласи дека Австрија ќе продолжи да ја дава безрезервната поддршка на нашиот евроинтегративен пат и притоа е подготвена за соработка во сите области од заеднички интерес.

Пратениците разменија мислења и во однос на неотпочнувањето на пристапните преговори и покрај храбрите чекори преземени од наша страна за решавање на отворените прашања и негување на добрососедски односи со Грција и со Бугарија, реформската агенда и препораката на Европската комисија, нагласувајќи дека и покрај разочарувањето продолжуваме да работиме на европската перспектива и се надеваме дека заедно со Бугарија со рационален пристап ќе успееме да го задржиме кредибилитетот на процесот на проширување.

Двете страни се осврнаа и на состојбата со пандемијата и ја нагласија потребата од поголема солидарност во дистрибуцијата на вакцините, наспроти т.н. вакцинален национализам, кој нема да помогне на глобално ниво за што побрзо да имунизира населението и во Европа и на глобално ниво.

Како позитивна беше оценета и билатералната соработка во однос на мигрантската криза, а беше подвлечено дека големиот број на граѓани со потекло од Република Северна Македонија кои живеат и работат во Австрија, се фактор кој дополнително ги поврзува двете држави. 

Click