Активности

Вторник, 23 март 2021 година

ВИРТУЕЛНА СРЕДБА НА МАКЕДОНСКО-СЛОВЕНЕЧКИТЕ ГРУПИ ЗА ПРИЈАТЕЛСТВО И СОРАБОТКА

Во заедничка организација на македонскиот и словенечкиот парламент, денеска, се одржа виртуелна средба на Групите за пријателство и соработка. Од македонска страна учествуваа пратениците г. Александар Велјановски, претседател на Групата, членовите: г-ѓа Благица Ласовска, г-ѓа.Белкиса Зеќири, г-ѓа Жаклина Лазаревска г-ѓа Бети Рабаџиевска-Наумовска, г. Љупчо Димовски и г.Берат Ајдари, а од словенечка страна г-ѓата Ива Димиќ, претседател на Групата и пратениците г. Јоже Ленарт и г. Томаш Лисец. На средбата беа присутни и амбасадорот во Скопје, Н.Е. Милан Предан и амбасадорката во Љубљана, Н.Е. Сузана Зеленковска.

Главен акцент на дискусијата беше ставен на работата на парламентите во услови на пандемија, работата на комисиите за заштита на човековите права и за словенечките приоритети при преземањето на Претседателството со Советот на ЕУ во јули оваа година. Господин Александар Велјановски ги поздрави одличните односи со Република Словенија и динамичната билатерална соработка без отворени прашања и изрази благодарност за нивната континуирана поддршка на нашите евроатлантски интеграции. Во делот на земјоделските и стопанските потенцијали, како и зацврстувањето на стопанските врски, пратеникот Димовски даде предлог за поинтезивна соработка на ниво на релевантните комисии за земјоделие во двата парламента. Пратеничката Благица Ласосвска го пофали образовниот систем на Република Словенија и ги информираше присутните за искористувањето на словенечките искуства во нашиот образовен модел. Самиот факт дека се потпишани 54 билатерални договори помеѓу двете земји е доказ за едно силно меѓудржавно пријателство, истакна пратеничката Жаклина Лазаревска, која истовремено се заблагодари за медицинската помош и опрема на Република Словенија за справување со пандемијата. 

Госпоѓата Ива Димиќ истакна дека билатералните односи меѓу двете земји претставуваат егземплар за успешна соработка и ги посочи здравството, дигитализацијата и стопанството како најважни приоритети на словенечкото претседателство. Господин Јоже Ленарт укажа на Координативниот центар за итна реакција како можност за искористување европски средства и помош во услови на пандемија. 

Соговорниците беа согласни дека постои голем потенцијал за соработка и во доменот на еко-туризмот, производството на еко-храна, животната средина и информатичката технологија кој треба да се искористи во иднина.

Click