Активности

Вторник, 29 декември 2020

Втора седница на Комисијата за култура

Комисијата за култура на денешната 2. седница го разгледа Предлог-законот за остварување на јавниот интерес во културата.

Министерката за култура, Ирена Стефоска, образложи дека станува збор за системски закон со кој се уредуваат основните односи во културата, каде се предвидени низа суштински и концепциски измени кои произлегуваат, пред сѐ, од Националната стратегија за култура 2018 - 2022.

Како клучни сегменти на реформата во културата, овој Предлог-закон предвидува промена на финансирањето на јавниот интерес во културата, децентрализацијата во културата и регулирање на работата и правата на самостојните уметници и културните работници.

Министерката Стефоска истакна дека значењето и комплексноста на културата, како и улогата на државата, но и на единиците на локалната самоуправа, во создавањето на предуслови за остварување на културата, посоодветно се дефинираат со поимот „јавен интерес“.

Стефоска нагласи дека решенијата предложени во овој Предлог-закон се современа правна рамка која ќе го унапреди остварувањето на културата и стимулативна основа за развивање на културни активности.

Во дискусијата по однос на предложеното законско решение учествуваа пратениците Велика Стојкова-Серафимовска, Жаклина Лазаревска и Љупчо Блакоски.

На крајот од дискусијата, Комисијата за култура оцени дека Предлог-законот е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање во Собранието. 

Click