Активности

Четврток, 10 јуни 2021

Зачленувањето во ПАБСЕК - нов мост на пријателство со светот

Шефот на Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија во Парламентарното собрание на Организацијата за Црноморска економска соработка (ПАБСЕК), Лидија Тасевска и членовите Благица Ласовска и Вјолца Адеми, остварија средба со Џемал Озтурк, шеф на турската делегација во ПАБСЕК и член на Комисијата за економски, трговски, технолошки и еколошки работи на ПАБСЕК и Асаф Хаџиев, генерален секретар на ПАБСЕК.

Тасевска, Адеми и Ласовска изразија задоволство што на 22 јуни 2021 година, Собранието на Република Северна Македонија, за време на Генералното собрание на ПАБСЕК во Молдавија, ќе стане член на оваа организација, што е градење на еден нов мост на пријателство со светот.

Своето задоволство од нашето зачленување во ПАБСЕК го изрази и гостинската делегација, особено што овој дел од светот е многу важен како главна крстосница во многу сектори.

Генералниот секретар Хаџиев ги запозна присутните со начинот на функционирање на ПАБСЕК, кој има три комитети посветени на економија, право, култура и социјала, а во тек е формирање на четврти како многу значаен за иднината - за информациска и комуникациска технологија. Хаџиев информираше дека во ПАБСЕК се работи на огромни проекти, кои се подготвуваат преку законски рамки. Во продолжение ги потенцираше огромните можности за соработка кои ги овозможува ПАБСЕК и неговата улога на економско, но и политичко поле, за што говори и стекнатиот висок статус во светот.

„ПАБСЕК е местото каде што може да се реши секој проблем, а решавањето на проблемот, значи зближување на народите“, заклучи Хаџиев.

Во текот на денешниот ден, Делегацијата на ПАБСЕК, покрај оваа средба, оствари средби и со претседателот на Собранието, Талат Џафери, како и со Секторот за меѓународна соработка на Собранието.

Click