Активности

Среда, 30 декември 2020 

Завршена амандманската расправа по Предлог-законот за пописот во Комисијата за европски прашања

Денеска успешно заврши вториот ден од амандманската расправа по Предлог-законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија во 2021 година, по скратена постапка, во Комисијата за европски прашања на Собранието, со која претседаваше претседателот на Комисијата, Арбер Адеми. Комисијата, по расправата по поднесените 37 амандмани од овластени предлагачи,  го проследи овој Предлог-закон на натамошна постапка во Собранието.

Расправата по текстот на Предлогот-законот помина во конструктивна и работна  атмосфера, при што беа изнесени аргументи „за“ и „против“ поднесените амандманите, со цел да се изведе попис во државата, кој ќе биде во согласност со донесените Меѓународни препораки за пописите на населението и домувањето, подготвени од страна на Економската комисија за Европа на Обединетите нации и на Евростат. Притоа, заедничка беше констатацијата  на сите  пратеници и од позицијата и од опозицијата дека ни е потребен попис, имајќи предвид дека последниот попис во земјата беше спроведен во 2002 година, а пописот во 2011 година не беше реализиран.

Во расправата учествуваа пратениците: Иванка Василевска, Арбер Адеми, Антонијо Милошоски, Гордана Силјановска-Давкова, Халил Снопче, Жаклина Пешевска, Славјанка Петровска, Арта Билали-Зендели, Зеќир Рамчиловиќ, Мирче Аџиоски,  Снежана Калевска-Ванчева, Даниела Христова, Иван Стоилковиќ, Фаница Николоска и Игор Јанушчев.

Од страна на заменик-министерот за правда, Агим Нухиу и директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, беше дадено појаснување дека повеќето од предложените забелешки во предложените амандмани се однесуваат на Методологијата за спроведување на пописот, која, согласно Законот, ќе треба да биде донесена на транспарентен начин и дека Државниот завод за статистика, во фазата на подготовка за спроведување на Пописот на населението, домаќинствата и становите,  ќе ги има предвид овие предлози.

Во однос на здравствената состоба со актуелната Ковид пандемија во земјата, која може да потрае и за време на пописот наредната година, беше истакнато дека ќе се води сметка да не се загрози здравјето на населението.

Click