Четврток, 5 јули 2018 година, Охрид
Обраќање на потпретседателот Весел Мемеди на отворањето на 57. Балкански фестивал на народни песни и игри
Дозволете ми на почетокот, како претставник на претседателот на Собранието на Република Македонија, господин Талат Џафери, да ги поздравам сите присутни, а посебно нашите гости, играорците од регионот кои учествуваат на годинешниов, 57. Балкански фестивал на народни песни и игри.
Балканскиот фестивал на народни песни и игри со својата респектабилна историја и секако заедно со град Охрид, пречекал над педесет илјади играорци, пејачи и инструменталисти, не само од регионот туку буквално од цел свет. Токму затоа, овој фестивал денеска е препознатлив на глобално ниво и е член на неколку меѓународни фолклорни асоцијации, меѓу кои и на Меѓународната организација за фолклорна уметност, IOFA.