Четврток, 10 јуни 2010 година, Комисија за европски прашањаДебата на тема „Невладините организации и евроинтегративниот процес во Република Македонија“
Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Македонија денеска организираше дебата на тема „Невладините организации и евроинтегративниот процес во Република Македонија“, со цел актуелизирање на улогата на невладините организации и унапредување на соработката меѓу Собранието на Република Македонија и граѓанскиот сектор.
Воведни обраќања имаа: г. Петар Поп-Арсов, претседател на Комисијата за европски прашања, г. Беким Хоџа, претставник на граѓанската асоцијација „Разбуди се“, г-ѓа Милева Ѓуровска, претседател на Европското движење во Македонија, г. Александар Кржаловски, извршен директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка – МЦМС и г. Дарко Алексов, претседател на граѓанската асоцијација „МОСТ“.
Преку една сеопфатна и широка расправа, Комисијата за европски прашања сака да даде свој придонес по ова значајно прашање, анализирајќи го од аспект на влијанието што невладините организации
![](WBStorage/Articles/43381A90F5829743BE058C507D34F1BF.jpg)
го имаат врз евроинтегративниот процес во целина.
Придонесот на невладините организации е значаен во промовирањето и градењето на демократската култура и социјална кохезија на сите општествени нивоа, а со тоа и значењето што го имаат кон промовирањето на Република Македонија во рамките на Европската унија.
На средбата беше истакнато дека членството во ЕУ налага многу реформи, чие спроведување е фундаментална обврска кон сите граѓани. Евроинтегративниот процес не значи само донесување на закони, туку подобрување на стандардот, и како таков треба да е во интерес на севкупниот владин и невладин сектор.