Активности

Понеделник, 22 март 2010 година

Триесет и осма седница на Комисијата за економски прашања

Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Македонија на 17 март 2010 година ја одржа Триесет и осмата седница.

Како матично работно тело, Комисијата го разгледа Предлогот на закон за основање на Агенција за странски инвестиции и промоција на извозот на Република Македонија, прво читање.

Образложение на Предлог-законот даде претставникот на предлагачот, министерот за економија, д-р Фатмир Бесими.

Тој истакна дека со донесување на законот ќе се унапреди законската рамка и институционалната поставеност во делот на политиките за промовирање на земјата во привлекувањето на инвестиции и промоција на извозот и воедно директно се таргетираат две клучни работи во нашата економија, а тоа се  нивото на невработеноста и трговскиот дефицит.

По завршувањето на расправата, врз основа на член 142 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, Комисијата со мнозинство гласови оцени дека Предлогот на закон за основање на Агенција за странски инвестиции и промоција на извозот на Република Македонија е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.

Комисијата го разгледа и Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за трговските друштва, второ читање.

Претседателот на Комисијата, г. Љубисав Иванов Ѕинго, ги извести пратениците дека во рокот утврден со Деловникот на Собранието на Република Македонија се поднесени амандмани од овластени предлагачи. На Комисијата се поднесени пет амандмани и истите  се усвоени.

Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за трговските друштва, Комисијата го проследи на натамошна постапка во Собранието на Република Маедонија.

На истата седница Комисијата го разгледа уште Предлогот на закон за надзор на пазарот, второ читање.

Во рокот утврден со Деловникот на Собранието на Република Македонија не беа поднесени амандмани од овластени предлагачи.

Комисијата Предлогот на законот за надзор на пазарот го проследи на натамошна постапка во Собранието на Република Маедонија.

 

 
Click