Активности

Понеделник, 22 март 2010 година

Педесет и петта седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија на 15 март 2010 година ја одржа Педесет и петтата седница.

- Како матично работно тело Комисијата го разгледа Финансискиот план на Агенцијата за супервизија на осигурување на Република Македонија за 2010 година.

Воведно образложение по финансискиот план даде д-р Климе Попоски, претседател на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување.

Бидејќи Агенцијата е новоформирано регулаторно тело, кое што започна со работа на 1 ноември 2009 година, овој е прв финансиски план и поголемите износи на поедини ставки предвидени во него се однесуваат на реални расходи кои треба да се направат за опремување, екипирање, изградба на интегриран информационен систем, зајакнување на капацитетот на институцијата преку обуки на вработените за спроведување на супервизија на осигурување.

Врз основа на расправата, Комисијата со седум гласа „за“ и три „воздржани“   му предложи на Собранието да ги усвои следните заклучоци:

1. Собранието на Република Македонија го разгледа и усвои финансискиот план на Агенцијата за супервизија на осигурување на Република Македонија за 2010 година;

2. Овој заклучок заедно со Извештајот на Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија да се достават до Владата на Република Македонија,  Министерството за финансии и Агенцијата за супервизија на осигурување на Република Македонија.

- Комисијата го разгледа и Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за спречување на перење на пари и други приноси од казниво дело и финансирање на тероризам (прво читање).

Воведно образложение по поднесениот закон даде г. Недим Рамизи, заменик на министерот за финансии.

Со Предлогот на законот се проширува кругот на субјекти кои се задолжуваат да преземаат мерки и дејствија за спречување на перење на пари и финансирање на тероризам.

Предложените решенија го регулираат начинот на постапување во случаите кога се извршуваат определени невообичаено големи трансакции кои немаат економска оправданост или видлива правна цел, кога се воспоставуваат деловни односи со држави кои немаат развиени системи за спречување на перење на пари и финансирање на тероризам.

Комисијата со четири гласа „за“ и три „против“ заклучи дека Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за спречување на перење на пари и други приноси од казниво дело и финансирање на тероризам е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

- Заменик-министерот за финансии даде воведно образложение и за Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за хартии од вредност (прво читање).

Една од поголемите  предложени  измени  е укинувањето на  можноста за вршење на  нетрговски пренос на хартии од вредност врз основа на договор за компензација.  Исто така, значајна е одредбата со која се предвидува основање на Гарантен фонд кој ќе биде формиран од Депозитарот за хартии од вредност.

Со Предлогот  на законот се предвидува и формирање на Фонд за обештетување на инвеститори во хартии од вредност, односно за компензациска шема за надомест на инвеститорите.

Покрај тоа, се воведува  и одредба со која се предвидува обврска за известување на акционерски друштва кои не се водат во Регистарот за акционерски друштва со посебни обврски за известување.

Со предложениот закон се предвидуваат одредби со кои ќе се дорегулира работата на Комисијата за решавање на жалби по прашања од областа на пазарот на капитал, како и ќе се зајакнат критериумите кои треба да ги исполнуваат членовите на оваа Комисија, со што ќе се обезбеди поголема ефикасност во извршувањето на нивните обрврски.

Комисијата со девет гласа „за“ и еден „воздржан“, заклучи дека Предлогот на закон за изменување дополнување на Законот за хартии од вредност е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

- На седницата беше разгледан и Предлогот на закон за изменување и дополнување на Царинскиот закон (второ читање).

 Со оглед на тоа што по овој Предлог на закон не беа поднесени амандмани, Комисијата констатира дека не се исполнети условите за подготвување на Дополнет предлог на закон за изменување и дополнување на Царинскиот закон.

Комисијата едногласно заклучи да му предложи на Собранието да го донесе  Законот за изменување и дополнување на Царинскиот закон.

- Комисијата го разгледа и Амандманот по Предлогот  на закон  за изменување и дополнување на Законот за Царинската  управа  (второ читање).

Со три гласа „за“ и пет „против“, Комисијата не го усвои овој  Амандман.

Комисијата констатира дека не се исполнети условите да се подготви Дополнет предлог на закон  за изменување и дополнување на Законот за Царинската  управа.

Со пет гласа „за“ и три „воздржани“, Комисијата заклучи да му предложи на Собранието да го донесе Законот за изменување и дополнување на Законот за Царинската управа.

- Во однос на Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за вршење на услуги брз трансфер на пари (второ читање), не беа поднесени амандмани, па Комисијата констатира дека не се исполнети условите за подготвување на Дополнет предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за вршење на услуги брз трансфер на пари.

Комисијата едногласно заклучи да му предложи на Собранието да го донесе Законот за изменување и дополнување на Законот за вршење на услуги брз трансфер на пари.

- На истата седница Комисијата разгледа и повеќе Амандмани по Предлогот на закон за ревизија на инструментот за претпристапна помош (ИПА)- (второ читање).

Комисијата констатира дека не се исполнети условите да се подготви Дополнет предлог на закон  за ревизија на инструментот за претпристапна помош (ИПА).

Комисијата со пет гласа „за“ и три „воздржани“ заклучи да му предложи на Собранието да го донесе Законот  за ревизија на инструментот за претпристапна помош (ИПА).
Click