Активности

Среда, 24 март 2010 година, Мадрид

Aктивното учество во регионалните иницијативи придонесува во обезбедувањето на мир и безбедност на балканските простори
 
Делегацијата на Комисијата за надворешна политика на Собранието на Република Македонија, предводена од претседателот на комисијата, г-ѓа Теута Арифи, во чиј состав се членовите на комисијата г. Владо Бучковски и г. Павле Трајанов, која престојува во дводневна работна посета на Кралството Шпанија, оствари средби со својот домаќин, претседателот на Комисијата за надворешна политика на Конгресот г. Жузеп Антони Дуран и Леида и членовите на Комисијата, како и со претседателот, г. Адорасион K. Браво и членовите на Комисијата за надворешна политика на Сенатот на Шпанскиот парламент. Делегацијата имаше разговори и со Постојаната мешовита комисија за Европската унија на Парламентот на Шпанија, а оствари средба и во Министерството за надворешни работи на Кралството Шпанија.

На средбите на парламентарно ниво, беше изразено задоволството од подготвеноста за воспоставување на соработка на ниво на комисии за надворешна политика, со надеж дека во иднина парламентарната соработка ќе бележи нагорен тренд. Во тој контекст, соговорниците ја нагласија улогата и значењето на парламентите во зајакнувањето и проширувањето на формите за соработка, не само во рамките на парламентарната димензија, туку и во севкупните билатерални односи меѓу двете држави. 

Во разговорите македонските пратеници ја потврдија непоколебливоста на македонскaта визија за европска перспектива, информирајќи притоа за состојбата во државата и размислувањата околу активностите во исполнувањето на критериумите на планот на приближување кон евроатлантските структури. Притоа беа изнесени аргументите во прилог на нашите достигнувања, резултатите од реализираните обврски, како и преостанатите обврски на овој план. 

На средбите стана збор и за прашањето околу употребата на нашато уставно име и билатералниот спор со нашиот јужен сосед за ова прашање, како и за подготвеноста на Република Македонија за конструктивно продолжување на разговорите со Грција под медијаторство на посредникот ООН, г. Метју Нимиц.

Во рамките на дискусијата околу состојбата во регионот беше коментирано прашањето за неговата безбедност, при што заеднички беше констатирано дека европската перспектива за Балканот ја гарантира неговата стабилност, но и стабилноста на Европа пошироко. Во тие рамки неподелено беше мислењето дека  активното учество во регионалните иницијативи придонесува во обезбедувањето на мир и безбедност на балканските простори.

Во разговорите беше подвлечена и соработката во рамките на Медитеранскиот процес, што придонесува кон вкупниот развој на односите со Шпанија.

На средбата со претседателот и членовите на Постојаната мешовита комисија за Европската унија на Парламентот на Шпанија главно беше дискутирано околу можностите за забрзување на процесот на приклучување на нашата држава во европските структури, а беше изразена и подготвеност за помош и пренесување на искуства во овој процес.

Во Министерството за надворешни работи заеднички беше констатиран интересот за развој на пријателството меѓу двете држави и унапредување на соработка во области од заемен интерес.

 Од страна на домаќините беше изразено разбирање за македонските актуелни предизвици, подготвеност за унапредување на билатералните односи, а беше и потврдена поддршката и помошта во остварувањето на напорите кои што Македонија ги прави во насока на исполнување на последните од низата обврски и критериумите во процесот на интеграција во евро-атлантските структури. 
Click