Активности

Четврток, 25 март 2010 година

НАТО се надева дека Македонија наскоро ќе стане 29-та членка на Алијансата

Ставот на НАТО останува непроменет – Република Македонија да добие покана за членство веднаш штом ќе биде најдено заедничко прифатливо решение со Република Грција во однос на спорот со името. Тоа е единствената пречка за добивање покана за полноправно членство на Република Македонија во НАТО.

Ова беше повторено на денешната средба на експертскиот тим на НАТО, предводен од г. Стефан Елгерсма, надлежен офицер за досието на Република Македонија, со координаторите на пратеничките групи во Собранието на Република Македонија: г-ѓа Силвана Бонева, г-ѓа Цветанка Иванова, г. Тахир Хани, г-ѓа Флора Кадриу и г. Стојан Андов, како и со г. Љубисав Иванов Ѕинго, г. Кенан Хасипи и г. Авдија Пепиќ од останатите политички партии застапени во Собранието.

Во Годишната национална програма на Република Македонија за членство во НАТО за 2009-2010 година се поставени клучните цели и приоритети што земјата планира да ги оствари во тој период. Оваа Програма претставува одраз на определбата и унапредувањето на националните реформи, со цел натамошно јакнење на политичките, економските, одбранбените и безбедносните перформанси на земјата, согласно утврдените стандарди на Алијансата.

Експертскиот тим на НАТО изрази заинтересираност за она што се работи во однос на реформите, за да може да подготви извештај за напредокот во рамките на Програмата.

Македонските пратеници ги запознаа гостите со сето она што го вложува Република Македонија на патот кон евроинтеграциите и потенцираа дека полноправното членство во Нато-алијансата е стратешка определба на земјата, како што е и членството во ЕУ.

Господин Елгерсма истакна дека НАТО постојано ќе следи како се развива нашата земја и ќе ги охрабрува двете страни да бидат конструктивни во решавањето на спорот. Тој изрази надеж дека во блиска иднина Република Македонија ќе стане 29-та членка на Алијансата.
Click