Активности



Понеделник, 22 март 2010 година, Комисија за финансирање и буџет

Разгледан Предлогот на закон за државната ревизија

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија, на Педесет и шестата седница, одржана на 18 март 2010 година, како матично работно тело го разгледа Предлогот на закон за државната ревизија (прво читање).

Воведно образложение по предложениот закон даде г. Недим Рамизи, заменик на министерот за финансии. Тој истакна дека Предлогот на законот е во функција на засилување на оперативната и финансиската независност на Државниот завод за ревизија и постигнување на поголема ефективност и ефикасност во извршувањето на државната ревизија. 

Целта е да се зајакне местото, улогата и независноста на Државниот завод за ревизија, како највисока ревизорска институција во Република Македонија, која е  надлежна за вршење на државната ревизија. 

Истовремено, со предложениот закон се врши и усогласување на законската регулатива со Мексико, Декларацијата за независност на врховните ревизорски институции и со Лима Декларацијата која ги дефинира правилата и насоките за ревизија.  

Со Државниот завод за ревизија раководи главен државен ревизор, кој ќе го избира и разрешува Собранието на Република Македонија со мандат од девет години, без право на повторен избор, а државната ревизија ја вршат овластени државни ревизори и државни ревизори вработени во Државниот завод за ревизија. Државниот завод за ревизија во функција на вршење на работите и работните задачи определени во законот, може да ангажира и стручни лица и експерти надвор од Државниот завод за ревизија.        

Со цел да се обезбеди транспарентност во работењето,  Државниот завод  за ревизија изготвува Годишен  извештај за извршените ревизии и за работата на ДЗР и го доставува до Собранието на Република Македонија на разгледување. 

Со цел да се задоволи објективноста и независноста се предлага ревизија на работењето на Државниот завод за ревизија да врши друштво за ревизија кое има дозвола за  вршење на работи на ревизија согласно Законот за ревизија. Изборот на друштвото за ревизија го врши Собранието на Република Македонија. 

Собранието го разгледува извештајот од извршената ревизија на друштвото за ревизија заедно со Годишниот извештај за извршените ревизии и за работата на Државниот завод за ревизија.

Во претресот учествуваа пратениците Јован Манасијевски, Владанка Авировиќ, Горан Мисовски, Крсто Мукоски и  Марјанчо Николов.

Комисијата со шест гласа „за“ и три „против“ заклучи дека Предлогот на закон за државната ревизија  е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

 

Click