Активности

Петок, 26 март 2010 година

Пратеничката група на Собранието на Република Македонија за соработка со Парламентот на Република Турција имаше средба со министерот за надворешни работи на Република Турција
 

Денеска претседателот на пратеничката група на Собранието на Република Македонија за соработка со Парламентот на Република Турција, г. Кенан Хасипи имаше средба со министерот за надворешни работи на Република Турција, г. Ахмет Давутоглу, кој се наоѓа во дводневна посета на Република Македонија.

На средбата присуствуваа и членовите на пратеничката група на Собранието на Република Македонија за соработка со Парламентот на Република Турција, г. Андреј Жерновски, г. Хајрула Мисини и г. Авдија Пепиќ.

Традиционално добрите и стабилни односи помеѓу Република Македонија и Република Турција ги карактеризира висок степен на пријателство и меѓусебно почитување и помеѓу двете држави нема ниту едно отворено и спорно прашање, се истакна на средбата.

Исто така, беше истакнато дека во Република Македонија високо се цени конструктивната поддршка и солидарност од страна на Република Турција, како и принципиелната употреба на уставното име на нашата земја.

Република Турција е значаен трговски партнер на Република Македонија и во последните години е меѓу првите десет земји со кои Република Македонија има најголем обем на размена, при што беше спомнато дека од особено значење е изборот на турската компанија „ТАВ“ за концесионер за модернизирање на скопскиот и охридскиот аеродром и изградба на нов аеродром во Штип, проекти чијашто реализација започна на 1 март 2010 година.

На средбата се изрази надеж за понатамошно унапредување на соработката меѓу двете држави и за меѓусебна поддршка на меѓународен план, како на билатерално, така и на мултилатерално ниво.

 

 

 

 

 

Click