Вторник, 29 септември 2009 година
Десет номинирани за наградата „Сахаров" на Европарламентот
Од 1988 година, Европскиот парламент, во чест на познатиот физичар и добитник на Нобеловата награда за мир Андреј Сахаров, ја доделува наградата „Сахаров". Идејата е да се оддаде почит на личности и организации, кои се борат за заштита на човекови права и основните слободи и против угнетувањето и неправдата.
Кандидатите за наградата мора да бидат поддржани од една политичка партија на Европскиот парламент или од најмалку 40 европратеници.
Номинирани за наградата „Сахаров“ за 2009 година се:
- Д-р Изелдин Абулајш - палестински лекар од Газа, кој се залага за мир меѓу Израел и Палестина;
- Фондација Висенте Ферер - за заштита и промовирање на правата на малцинствата во Индија и за поддршка во искоренувањето на екстремната сиромаштија;
- Давит Исак – новинар, писател и драматург од Еритреја, политички затворник од 2001 година;
- Маријам Ламизана - министер за социјална акција и национална солидарност во Буркина Фасо и активист во борбата против женското генитално осакатување;
- Људмила Алексеева, Олег Орлов и Сергеј Ковалев од името на организацијата „Меморијал“ и на сите други бранители на човековите права во Русија - за промовирање на основните права во постсоветските републики;
- „Меморијал“ - организација за промовирање на основните права во постсоветските републики;
- Денис Муквег - лекар, основач и раководител на болницата „Панзи“ во Букаву, Демократска Република Конго, кој се специјализира за помагање на жените и девојчињата, жртви на брутално насилство и сексуално злоставување;
- Отец Тадеус Нгујен ван Ли - римски католички свештеник и истакнат виетнамски дисидент, учесник во движењето за демократија, за кое бил осуден на 15 години затвор;
- Шади Садр од името на Неда и на иранските граѓани, кои се стремат за спасување на човековите права - ирански адвокат за човекови права, феминистка, активист и новинар, која се фокусира на укинување на смртната казна и убиството со каменување, како и на правата на жените и рамноправноста;
- Роберто Савијано - италијански новинар и писател, кој е под закани од страна на италијанската мафија во Наполи, како последица на неговиот бескомпромисен напад на организираниот криминал.
Номинациите за наградата за 2009 година официјално ќе бидат соопштени на крајот од месецов на заеднички состанок на Комисијата за надворешни работи, Комисијата за развој и Поткомисијата за човекови права. Победникот ќе биде избран на 22 октомври, а наградата која се состои од диплома и сума од 50.000 евра ќе биде врачена на свечена церемонија во Стразбур, најверојатно на 10 декември - денот на потпишувањето на Општата декларација на ООН за човекови права од1948 година.