Среда, 3 септември 2009 годинаЕУ ги укинува традиционалните светилки
Како дел од заложбите на Европската унија за енергетска ефикасност и борба против глобалното затоплување, во наредните три години постепено ќе бидат исфрлени од употреба традиционалните жаречки светилки, кои ќе бидат заменети со енергетско ефективно осветлување. Според новите правила кои стапуваат на сила од овој месец, производителите и увозниците во ЕУ повеќе нема да можат да ги продаваат добро познатите светилки во форма на крушка од 100 или повеќе вати. Во продавниците може да се допродава само залихата од овие светилки.
Во текот на 2011 и 2012 година забраната ќе ги опфати и светилките со помала ватажа. Користењето на мат-светилките и високоенергетските халогени светла исто така постепено ќе се укине.
До 2020 година со овие мерки ќе се заштеди енергија доволна за напојување на 23 милиони домаќинства годишно. Тоа ќе ги намали емисиите на јаглерод диоксид за 32 милиони тони годишно, односно околу една десетина од годишната емисија на стаклен гас во светот.
Традиционалните светилки, кои се воведени пред 130 години, од енергијата која ја користат едвај 5% претвораат во светлина, а останатото се претвора во топлина. Тие се многу понеекономични од некои понови, како што се компактните флуоресцентни ламби и нискоенергетските халогени ламби или од новите производи како светло-диодите.
Моментално на европскиот пазар најефективни светла се флуоресцентните светилки, кои користат од 65 до 80% помалку енергија во однос на жаречките светилки. Но, многу потрошувачи не ги користат поради нивната цена. Сепак, треба да се знае дека тие се посклапи, но користат помалку енергија и траат многу подолго.
Според проценките на ЕУ, доколку едно домаќинство премине на светилките кои штедат енергија, годишно може да заштеди најмалку 50 евра од трошоците за струја.