Четврток, 26 ноември 2009 година
Европарламентот ја додели филмската награда „Лукс“ на францускиот филм „Добредојде“
Францускиот филм „Добредојде" на режисерот Филип Лиор е добитник на филмската награда на Европскиот парламент за 2009 година. Филмот претставува приказна за тренер по пливање, кој решава да му помогне на еден курдски имигрант во Велика Британија.
Победникот беше избран од страна на членовите на Парламентот, во конкуренција на бугарскиот филм „Источни пиеси“ на режисерот Камен Калев и „Штурм“ во режија на Ханс-Кристијан Шмид (Германија, Данска, Холандија).
Наградата од 87.000 евра вклучува превод на филмот на сите 23 официјални јазици на ЕУ и помош при издавањето на ДВД.
„Наградата ‘Лукс’ е нова иницијатива за иднината и Европскиот парламент очекува многу од неа. Сакаме филмот со своите средства да поттикне дебата на теми коишто се занимаваат со јавното мислење во земјите-членки на ЕУ и поттикнуваат прашања важни за сите нас, а актуални и за Парламентот“, изјави претседателот на Европарламентот, г.Јержи Бузек, за време на церемонијата при доделувањето на наградата.
Оваа награда се доделува од 2007 година со цел да го поддржи европскиот филм и неговиот развој и да ја пробие јазичната бариера.