ЕУ вести



Среда, 1 јули 2009 година

летен одмор со поевтин роаминг во ЕУ

Денеска стапуваат на сила новите правила на Европската унија за роаминг, со кои повиците, СМС-пораките и сурфањето во странство ќе станат поевтини. Се очекува трошоците за мобилната комуникација во друга земја од Унијата да бидат намалени за најмалку 60%.

Цената за повикување во роаминг ќе биде максимум 43 евро-центи по минута, а за дојдовен повик 19 центи. Досега цените беа 46, односно 22 центи. Праќањето СМС-порака од странство во ЕУ ќе чини максимум 11 центи, за разлика од претходната просечна цена од 29 центи. Примањето СМС-порака во друга земја од Унијата и натаму останува бесплатно.

Според новите правила, мобилните оператори се должни да им наплаќаат на своите потрошувачи по секунда по првите 30 секунди при роаминг разговор, наместо како досега по минута. Се очекува тоа да ги намали сметките за телефон за повеќе од 20%.

Исто така, корисниците сега ќе имаат опција да си определат месечен лимит на своите сметки од 50 или повеќе евра. 

За други роаминг услуги, како испраќање електронска пошта или фотографија или сурфање на интернет, максималната цена ќе биде 1 евро за секој искористен мегабајт, што е поевтино од старата просечна цена на ЕУ, која чинеше 1,68 евра. Максималната цена ќе падне до 80 центи во 2010 година и до 50 центи во 2011 година. Во сите цени не е вклучен ДДВ.

Click