Понеделник, 15 јуни 2009 година
Европскиот парламент доделува филмска награда
Десет европски филма ќе се борат за кинематографската награда „LUX“ на Европскиот парламент за 2009 година. Наградата се врачува од 2007 година со цел да го поддржи европскиот филм и неговиот развој. Официјалната селекција е направена од група од 17 истакнати претставници на филмската индустрија, пред сè продуценти, директори на фестивали и критичари.
Десетте филма се одбрани поради нивниот висок квалитет и придонес кон европската општествена комуникација. Повеќето од филмовите се посветени на теми како солидарност, имиграција, права и праведност.
Десетте номинирани филма се :
- „35 rhums“ на режисерот Клер Денис - Франција, Германија;
- „Ander“ на Роберто Кастон - Шпанија;
- „Eastern plays“ во режија на Камен Калев - Бугарија, Шведска;
- „For a moment freedom“ на режисерот Араш Т. Рајх - Австриja, Франциja;
- „Katalin Varga“ во режија на Питер Стрикленд - Романија, Велика Британија, Унгарија;
- „Lost persons area“ на режисерот Каролин Штрубл - Белгија, Унгарија, Холандија, Германија, Франција;
- „North“ на Рун Денстад Лангло - Норвешка;
- „Pandora's box“, во режија на Јесим Устаоглу - Турција, Франција, Германија, Белгија;
- „Sturm“ на режисерот Ханс-Кристијан Шмид - Германија, Данска, Холандија;
- „Welcome“ на Филип Лиор – Франција.
Официјалната селекција вклучува 10 филма, но само три од нив ќе се натпреваруваат за наградата на Европарламентот. Тие три филма ќе бидат објавени во септември на Меѓународниот филмски фестивал во Венеција. Победникот ќе биде избран од 736-те членови на Европскиот парламент, а наградата ќе биде врачена на 25 ноември во Стразбур.
Наградата „LUX“ ќе го финансира преводот на најдобриот филм на 23-те официјални јазици на Европската унија, како и правење по една копија на филмот за секоја земја-членка на Унијата.
Минатата година наградата на Европскиот парламент ја понесе филмот „Le Silence de Lorna“ на белгиските режисери и браќа Жан-Пјер и Лук Дарден.