Четврток, 22 октомври 2009 година
Руски бранители на човекови права добитници на наградата „Сахаров“
Руската граѓанска организација за заштита на правата „Меморијал“ и нејзините тројца претставници Олег Орлов, Сергеј Ковалев и Људмила Алексеева, како и сите други бранители на човекови права во Русија се годинашните добитници на наградата „Сахаров“, која ја доделува Европскиот парламент за слобода на мислата.
Победникот го објави претседателот на Европскиот парламент, г.Јержи Бузек, а доделувањето на наградата изразена во диплома и 50.000 евра ќе се случи на свечена церемонија на 16 декември во Стразбур.
„Се надеваме дека доделувањето на годинашната награда ќе придонесе за згаснување на кругот на стравот и насилството кај бранителите на човековите права во Руската Федерација и дека ќе ја придвижи нашата порака активистите на граѓанското општество насекаде да ги имаат своите најосновни права на слободно мислење“, изјави првиот човек на Европарламентот.
Притоа, г.Бузек потенцира дека слободата на мислата е најважна за да се стигне до вистината.
Европскиот парламент ја доделува наградата „Сахаров" од 1988 година во чест на познатиот физичар и добитник на Нобеловата награда за мир Андреј Сахаров, со цел да се оддаде почит на личности и организации кои се борат за заштита на човекови права и основните слободи и против угнетувањето и неправдата.