Вторник, 4 август 2009 година
ТОП 10 совети за патување во ЕУ
Европската комисија објави десет најважни совети за патување во 27-те земји-членки на Европската унија. Со оваа листа на совети, предупредувања и упатства, ќе им се овозможи побезбедно и квалитетно патување на Европејците во рамките на Унијата.
- Телефонскиот број 112 - е бројот на итната служба кој е достапен и бесплатен во сите 27 земји-членки на Европската унија при евентуална несреќа на патниците;
- Не возете под дејство на алкохол или дрога! - Годишно на патиштата ширум Европа, поради грешки на возачите под дејство на алкохол или дрога, погинуваат 10.000 луѓе. Една од четири несреќи е предизвикана од возачи под дејство на алкохол или дрога. ЕУ ги повикува возачите да не седнуваат зад волан доколку имаат повеќе од 0,5 промили алкохол во крвта, односно 0,2 промили доколку штотуку почнале да возат;
- Црна листа на авио компании - Постојат авио-компании кои се на европската „црна листа“ поради лошите безбедносни стандарди. Европската комисија ги предупредува патниците кои патуваат вон границите на Европа, пред да купат билет да ја погледнат листата на забранети авио-компании во ЕУ. На тие компании им е забрането да летаат во или од ЕУ, но тие и понатаму функционираат надвор од Унијата;
- Сигурност на аеродромите - Патниците кои патуваат со авион во рачниот багаж не смеат да носат повеќе од еден литар течност, поделена во дози од сто милилитри.
- Откажувања на летови - При откажувања на летови или забрана за качување во авион, патниците имаат право на надомест за полната цена на картата или во најбрз можен рок да добијат друг лет до саканата дестинација;
- Свински грип - Може да се случи на некои од патниците да им биде забрането да се качат во авион поради сомневање дека се заразени со актуелниот вирус А (H1N1). Доколку ваквата одлука на авио-компанијата не е заснована на соодветен медицински сертификат, патниците имаат право на надомест на штетата;
- Без дискриминација - Лицата со инвалидитет и ограничена подвижност не смеат да бидат дискриминирани. Тие имаат право на бесплатна помош пред, за време и по патувањето;
- Он-лајн резервација - Кога авио-билетот се резервира он-лајн, конечната цена мора да биде јасно назначена на првата страница, што им дава можност на луѓето да ги споредат цените на авио-компаниите и да го направат вистинскиот избор;
- Изгубен багаж - Во првите девет месеци од 2008 година, по европските аеродроми просечно дневно се губеле над 12.000 багажи, што е за 16% помалку од претходните години, но сепак сè уште голем процент. Доколку багажот биде оштетен или изгубен за време на патувањето, патникот може да добие надомест од 1.100 евра. Рокот за пријавување оштета на багажот е една недела, а за изгубен багаж - 21 ден. Поплаки за патувањето може да се пријават на бесплатната телефонска линија „Европа директ“;
- Пакет аранжман - Кога патниците купуваат туристички пакет имаат право да знаат што плаќаат и што е вклучено во нивниот пакет-аранжман. Секоја брошура мора да има точна цена и неопходни информации.