Вторник, 20 јули 2010 годинаПРЕЗЕНТИРАНИ ПРИОРИТЕТИТЕ НА БЕЛГИСКОТО ПРЕТСЕДАТЕЛСТВО СО СОВЕТОТ НА ЕУ
На заедничка седница на телата кои работат на европските интеграции, меѓу кои и Мешовитиот парламентарен комитет - Република Македонија и Европската унија, беа презентирани приоритетите на Белгиското претседателство. Обраќајќи се прво во име на ЕУ, амбасадорот
Ерван Фуере побара Република Македонија да продолжи со реформите на полето на администрацијата, судството, спроведувањето на Охридскиот рамковен договор и со зајакнување на политичкиот дијалог.
Амбасадорот на Кралството Белгија, Н.Е Марк Микелсон, пред присутните ги образложи петте приоритети на новото претседателство со ЕУ: социјално економските приоритети во однос на финансиските проблеми на одредени земји во Унијата и избегнување на вакви случаи во иднина со преземање на посебни мерки на превенција; зајакнување на социјалната кохезија во сите земји-членки; заштита на животната средина со посебен осврт на борбата против глобалното затоплување; спроведување на Програмата од Стокхолм на поле на правдата и внатрешните работи, особено на поле на миграцијата, азилот и борбата против организираниот криминал и корупцијата; и последно, но не помалку важно, проширувањето, за кое Белгија активно ќе работи на приближување кон ЕУ на сите земји кои аспирираат за членство, вклучително и на Република Македонија.
Пратеничките групи во Собранието на Република Македонија дадоа свои видувања и очекувања. Социјалдемократите изразија задоволство за приоритетот на проширувањето поставен од страна на актуелното претседателсво и ја повикаа Владата да продолжи со реформите потребни за членство во ЕУ.
Копретседавачот на МПК, г. Александар Спасеновски, го истакна значењето на приоритетот на Белгиското претседателство за проширувањето во момент кога ЕУ влегува во ново поглавје од своето постоење, што е исто така од големо значење за граѓаните на Република Македонија. Унитарниот пристап кон евроинтеграцијата на Македонија без разлика на партиите од позицијата или опoзицијата, цивилниот сектор или воопшто граѓаните, претставува вистински обединител на нашата заедница. Господин Спасеновски изрази уверување дека Македонија ќе продолжи со реформите и дека во рамките на Белгиското претседателство ќе ја продлабочи врската со Европската унија, со што ќе се испрати јасен сигнал дека местото на Македонија е во ЕУ.