Делегации

Среда, 25 август 2010 година

СПАСЕНОВСКИ: НАУКАТА ДА ДАДЕ ОДГОВОР ЗА УЛОГАТА НА ПАРТИИТЕ И МЕЃУНАРОДНАТА ЗАЕДНИЦА ЗА ЕВРОПСКИТЕ ИНТЕГРАЦИИ НА МАКЕДОНИЈА
 
На 13 јули 2010 година на трибината: „Политичката мисла во граѓанското општество“ по повод излегувањето на јубилејниот 30. број на политколошкиот магазин „Политичка Мисла“ во издание на локалното преставништво на германската фондација „Конрад Аденауер“, учествуваше и копретседавачот на Мешовитиот парламентарен комитет (МПК), Александар Спасеновски.

Аргументирајќи ги тезите изложени во својот текст во ova стручно списание, пред присутните преставници на научната и на стручната јавност, амбасадорите, членовите на невладините организации, Спасеновски ја акцентираше државотворната вредност на проектот за членство на македонската држава во ЕУ. Копретседавачот на МПК укажа на потребата од натамошно зајакнување на единството во насока на побрза реализација на интеграцијата во ЕУ на две нивоа:  меѓуполитичко и меѓуетничко. Во контекст на денешните предизвици пред кои е исправена Македонија, Александар Спасеновски побара науката да даде одговор на прашањата во однос на досегашната улога на партиите, меѓународната заедница и невладиниот сектор во европската интеграција на Македонија. Спасеновски во својата дискусија, меѓу другото, констатираше и дека во речиси дваесегодишната независност, најмалку осум години европската интеграција на македонската држава е блокирана поради спорот со името. „Сметам дека е особено важно да ја земеме во предвид и да акцентираме за тоа каква е улогата на меѓународната заедница во Македонија во однос на интеграција на македонската држава во европското семејство на народите? Дали, исто така, и тука можеме да кажеме дека не секогаш стануваше збор за принципиелна и до крај изразена поддршка во однос на односната партија која што го вообличува, управува и има одговорност за реализација на овој цивилизациски проект?“ - праша Спасеновски.

На крајот од дискусијата, копретседавачот на МПК изрази задоволство од улогата на Собранието во реализацијата на европските приоритети на државата преку релевантните собраниски тела, како и преку реализацијата на парламентарната димензија на меѓународната политика на Република Македонија.
Click