Понеделник, 27 септември 2010 година
СПАСЕНОВСКИ: ПОСТОЈАТ НАЧИНИ КАКО ДА ПРОДОЛЖАТ ЕВРОПСКИТЕ ИНТЕГРАЦИИ ВО УСЛОВИ НА НЕРЕШЕН СПОР СО ИМЕТО
Заменик- координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на Република Македонија, г. Александар Спасеновски, на 24 септември 2010 година, одржа предавање пред третата генерација слушатели на „Школата за политика“ на тема: „Улогата на Собранието во процесот на европските интеграции“.
Спасеновски, кој е и шеф на делегацијата на Собранието во Мешовитиот парламентарен комитет – Република Македонија Европска унија, на слушателите поблизу им го објасни значењето на процесот на европските интеграции, притоа осврнувајќи се на предизвиците пред кои е исправена Државата во насока на остварувањето на своите европски цели.
„Собранието е еден од носителите на процесот на европските интеграции, како преку својата легислативна активност, така и преку учеството при креирањето на македонската надворешна политка. Пратениците преку своите контакти со колегите од Европскиот парламент во голема мера придонесуваат за забрзување на членството на Македонија во Унијата“ – истакна Спасеновски.
Во врска со денешните состојби на овој пат, заменик-координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ забележа дека спорот со името се јавува како пречка за влез во наредната фаза од процесот на пристапување, при што тој смета дека Македонија заедно со своите европски пријатели треба да размислува за изнаоѓање модалитети за продолжување на интеграциите во услови на продолжена блокада од страна на Република Грција. За него излезот е во примената на хрватско- словенечкото сценарио и во македонскиот случај со Грција, што значи почеток на преговорите за членство во ЕУ без застој, а во меѓувреме да се разговара со јужниот сосед околу разликите за името.
На иницијатива на Советот на Европа, во 2003 година беше основана Македонската школа за политика, која од 2004 година дејствува како независна институција, основана од Македонската асоцијација за политичко афирмање (МАПА).