Собраниско раководство



Среда, 7 април 2010 година

ОБРАЌАЊЕ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ВЕЉАНОСКИ НА ЈАВНАТА ДИСКУСИЈА „кон побрза интеграција и инклузија на ромите во република македонија“

Дами и господа,
Eкселенции,
почитувани пријатели, 

Дозволете на почетокот на сите наши сограѓани, припадници на ромската етничка заедница да им го честитам Меѓународниот ден на Ромите, кој од 1971 година, на 8 април се одбележува ширум светот.
Денес сме овде не само свечено да го одбележиме Меѓународниот ден на Ромите, туку и да погледнеме што сме направиле и што треба да направиме за целосна интеграција на овие наши сограѓани во сите пори на општеството. 

Почитувани пријатели, 
Ако погледнеме од уставно-правен аспект, ромската етничка заедница кај нас е уставна категорија, како и другите етнички заедници, односно ги ужива сите оние индивидуални и колективни права со кои се обезбедува зачувување и развивање на нивниот национален, културен и јазичен идентитет. Во Собранието на Република Македонија уште од првиот парламентарен состав, па до денес Ромите имаат свои преставници, во актуелниот мандатен состав тоа е колегата Амди Бајрам. Покрај во Собранието, преставници од Ромската етничка заедница има и во Владата на Република Македонија, во министерствата, како и во останатите државни институции. Понатаму, кога зборуваме за нивното учество во власта, особено би ја истакнал присутноста во локалната самоуправа, и ако не се лажам, Република Македонија е единствена држава во Европа во која има Ром градоначалник. Сметам дека сме една од ретките држави во кои е обезбедено основно образование на ромски јазик, а со воведувањето на задолжителното средно образование, младите припадници на ромската заедница имаат можност многу полесно да се вклучат во сите сфери на општественото живеење, односно да можат за себе да обезбедат многу подобра иднина.  

Сведоци сме дека во последните години се повеќе Роми се запишуваат и завршуваат високо образование, благодарение на државата и странските донации.
Секако државата ја има најголемата одговорност во интеграцијата на Ромите, но тој процес не може да се случи преку ноќ и бара надминување на сите табуа и предрасуди кои постојат во општеството, во што голема улога има секој од нас како поединец, но и невладиниот сектор.
За жал денеска тие предрасуди и стереотипи за Ромите се сè уште присутни, а сведоци сме дека во некои европски држави има и појави на отворена нетрпеливост кон Ромите. Да потсетам за положбата на Ромите во Европа се расправаше и во Советот на Европа и во Европскиот парламент, а воедно на европско ниво е прогласена таканаречена Декада на Ромите. Кај нас такви појави нема, што е добро и на своевиден начин ја покажува толеранцијата на еден кон друг, што верувам ќе се сложите, е наша вековна традиција. Тоа не значи дека како држава и како политичари и како граѓани заедно со невладиниот сектор не треба да продолжиме да ги афирмираме толеранцијата и заедништвото. Да ја афирмираме солидарноста, бидејќи кога му помагаме на нашиот сограѓанин во суштина си помагаме и себеси. 

Дами и господа, 
Како држава кандидат за членка на Европската унија, имаме усвоено Национална стратегија за целосна интеграција на Ромите, за подобрување на нивниот економски и социјален статус. Станува збор за програма која е меѓуресорска, односно вклучени се повеќе министерства и државни институции. Ние како парламент можеме од една страна преку таканаречените надзорни расправи да организираме дебати на оваа тема, а исто така ако е потребно да донесеме и соодветни закони или измени на постојните со што поефикасно би се спровела таа програма. 
Верувам дека за ова повеќе ќе слушнеме од другите учесници на денешната јавна дискусија.

На почетокот ја споменав локалната самоуправа. Мислам дека таа е основното поле на делување, каде што треба да се остваруваат интересите на нашите сограѓани Роми, кога станува збор за она што денеска го викаме јавна политика, односно остварување на основните потреби за еден нормален и достоинствен живот. Законот за локална самоуправа ова добро го уредува, но како што реков потребно е доследно спроведување на законските одредби. Во секој случај, мислам дека имаме позитивни чекори кога станува збор за интеграција на Ромите во македонското општество. Можеби тие чекори не се многу големи и сè уште не ги задоволуваат во целост потребите на нашите сограѓани припадници на ромската заедница. Затоа и денеска сакам да апелирам до сите надлежни државни институции, до локалната самоуправа, но и невладиниот сектор за поефикасно и побрзо остварување на сето она што сме го усвоиле како Национална стратегија за Ромите. 

Почитувани пријатели,
дами и господа,
Ром на ромски јазик значи човек. Нез нам дали во целиот свет ќе најдете друга етничка заедница која за име на својата етничка припадност одбрала таква универзална категорија како што е зборот човек. Веројатно корените за ова лежат во нивната историја, но она што е поважно е фактот дека сите како луѓе пред законите, државни или божји, сме еднакви. Затоа, според тие исти закони, на сите луѓе треба да им се обезбедат еднакви услови за живот, за учење, за работа, за развој.
А денес, Ромите во Македонија, преку својата култура, јазик, со својот национален идентитет, само го збогатуваат и го надградуваат нашето мултикултурно и мултиетничко општество. Во исто време тие секогаш се покажале и како лојални и совесни граѓани. Затоа и заслужуваат, постојано, како држава да создаваме услови за зачувување на нивниот национален и културен идентитет и за нивно вистинско и целосно интегрирање во  Република Македонија.  

Ви благодарам

Click