Собраниско раководство



Вторник, 26 јануари 2010 година

Обраќање на претседателот Вељаноски во Краков на одбележувањето на 65-годишнината од ослободувањето на Аушвиц

Почитувани дами и господа,
Eкселенции,
драги пријатели,

Верувам дека секој од нас денес, овде, кога ја одбележуваме 65-годишнината од ослободувањето на Аушвиц-Биркенау, немиот сведок на холокаустот, се прашува зошто се случи тоа. Зошто над 6 милиони мажи, жени, деца, старци, беа најбрутално ликвидирани само затоа што беа Евреи. А Бог, кој е еден и без разлика на која религија ѝ припаѓаме, нè учи дека сите сме божји деца и сите сме исти. Ова прашање не треба и не може да се ограничи како лично прашање, тоа е наше заедничко прашање, наша заедничка обврска да не дозволиме да се заборави или избрише историското паметење за холокаустот. Уште поважно е да не дозволиме да се создадат какви било услови за повторување на стравот и ужасот кои ги носеше холокаустот, без разлика кон кого е насочен, бидејќи тоа е најголемото зло во историјата на човештвото.

Тоа можеме да го направиме само на еден начин, со постојано унапредување и промовирање на толеранцијата и дијалогот како највисока вредност и најважна алатка со која можеме да обезбедиме мирна и стабилна иднина за нас, за нашите идни генерации, за човештвото во целост. За жал и во овие 65 години од формалниот крај на холокаустот, од неговата правна и политичка осуда на познатите нинбершки процеси, сведоци сме на нетрпеливост, војни, тероризам, кои се оправдуваат со заштита на својата нација, идеологија или вера.

Од денешна дистанца, терминот „студена војна“ кој ја подели Европа, а и светот, најблаго речено, звучи цинично. Период во кој се градеа вистински ѕидови, идеолошки, но и период на многу ниска толерантност и најгруби кршења на човековите права и слободи.

Зарем ако имаше вистинска толерантност и дијалог ќе се случеше тоа што се случи на просторот на поранешна СФРЈ? Ќе имаше ли таква човечка загуба и толкаво страдање? Ќе требаше ли воопшто да се формира судот во Хаг?

Убеден сум дека човештвото сè повеќе се свртува кон дијалогот и толеранцијата како вредности и како вистински механизми за надминување на разликите и конфликтите.

Дами и господа,

Република Македонија и нејзините граѓани секоја година во март се потсетуваат на далечната 1943 година кога 7.200 наши сограѓани, Евреи, беа депортирани во нацистичкиот логор Треблинка. Од нив, над 1.000 беа деца. Нивната судбина беше страшна, околу 98 проценти од депортираните Евреи беа ликвидирани во логорите на смртта. Нема многу да зборувам за историјата на Евреите во Македонија, туку само ќе потсетам дека тие во најголем број дојдоа во 15 век по протерувањето од денешна Шпанија. Тоа што беше карактеристично за Евреите во Македонија, а стануваше збор, пред сè, за Сефардиски Евреи, е дека локалното население ги имаше прифатено, а и самите активно учествуваат во културниот, социјалниот и економскиот живот. За жал, таа вековна симбиоза и заедничко живеење, во исто време и почитување на различноста беше, како што реков, насилно отргната од Македонија во март 1943 година.

Денес во Македонија, и тоа претежно во Скопје, живее мала еврејска заедница која со своите активности на сите полиња дава многу препознатлив и значаен придонес во целокупниот општествено-економски и културен развој на државата.

Сакам да истакнам дека Република Македонија со Законот за денационализација и го врати целокупниот имот на еврејската заедница која го имала уште пред Втората светска војна, како и имотите на нашите сограѓани Евреи, кои беа ликвидирани во Треблинка, а немаат правни наследници.

Денес во Скопје во завршна фаза е изградбата на Меморијалниот центар посветен на холокаустот на Евреите од Македонија. Tоа ќе биде и центар каде што преку најразлични активности ќе се промовира мултиетничкиот и мултикултурниот живот во Македонија и ќе се промовира заедништвото, толеранцијата и дијалогот, не само меѓу граѓаните на Македонија, туку и во целиот регион.

Овој Меморијален објект кој се гради во центарот на градот, е симбол за соживот, а и фактот дека од една страна е поставена православна црква, а од другата џамија, уште еднаш ја потврдува толерантноста и отвореноста  на македонскиот народ, но и на сите други етнички заедници кои живеат во Република Македонија. Затоа и со право, како граѓани на Република Македонија, бараме да не се заборави и никогаш да не се повтори холокаустот. Бараме многу повеќе дијалог, толеранција и разбирање, како за решавање на глобалните проблеми, така и за регионалните и билатералните. Тоа е наша обврска кон оние 6 милиони Евреи кои животот го загубија во логорите на смртта, наша обврска кон сегашните и сите идни генерации. Тоа е обврска на човештвото.

Ви благодарам

Click