Собраниско раководство



Вторник, 9 февруари 2010 година

Воведно обраќање на претседателот Вељаноски на јавната расправа по повод 9 февруари - Европски ден на безбеден интернет

Почитувани колеги,
дами и господа,
Живееме во свет во кој процесите на глобализација стануваат наше секојдневие. Во рамките на тие глобални процеси е и интернетот како една од основните алатки.
Денес, секој од нас кога доаѓа на работа, во училиште, на факултет, прва работа му е да го вклучи компјутерот, да ја прегледа својата пошта, да прочита весник, да се вклучи во работниот или во образовниот процес, но ако сакате и едноставно да види што има ново на интернет, односно на оние интернет страници кои ги користи. Ако тука ги додадеме и социјалните мрежи како што се фејсбук, скајп и така натаму, тогаш е многу јасно дека интернетот денеска е алатка без која тешко можеме да си го замислиме нашиот секојдневен живот и тоа како во професионална, така и во социјална смисла, па ако сакате и во времето за одмор и релаксација, па дури и во политиката. Денес многу политичари имаат свои блогови на кои водат дебати. Односно се е поголем бројот на луѓе за кои едноставно може да се рече дека се интернет граѓани.

Од друга страна како и секоја цивилизациска придобивка така и интернетот, ние луѓето знаеме да го злупотребиме како за лична, лукративана корист, но исто така знаеме да го злоупотреби во примери како што е  неовластена достапност и манипулација со лични податоци, намерно пласирање на дезинформации и така натаму. Сепак, тоа што е многу пострашно е фактот дека интернетот се злоупотребува во рушењето на оние основни етички норми без кои не можеме да зборуваме за човек и човечност. 
Тоа што загрижува е фактот дека вакви појави на злоупотреба на интернетот не се веќе ефемерни појави, туку стануваат хронична болест која е присутна во секое општество, односно станува глобален проблем. 

Дами и господа,
Кога зборуваме за општествени девијации и криминал по правило секогаш најголеми жртви се децата односно, младата популација. Можеби затоа што токму децата со својата љубопитност за нешто ново, со својата желба да научат нешто повеќе стануваат жртви на злоупотребата на интернетот. И уште една димензија, токму децата стануваат вистински зависници од интернет што е не само социјален, туку и медицински проблем.

Денеска зборувам за интернет педофилија, за порно интернет страници, за интернет криминал и за многу други девијантни појави. А, за жал, сето тоа е достапно на нашите деца.

Токму затоа 9 февруари е прогласен за Европски ден за безбеден интернет. Посебно ми причинува задоволство што Делегацијата на Собранието на Република Македонија во Мешовитиот комитет - Република Македонија и Европска унија заедно со невладиниот сектор ја организира оваа јавна расправа посветена на "Побезбеден интернет".  

Почитувани,
Пред помалку од четири години Македониjа беше некаде на европското дно кога станува збор за користењето на интернетот. Во овој период успеавме да станеме препознатливи во Европа како држава и општество со динамичен пораст на користење на интернетот и денеска се вбројуваме во горната половина од европските држави. Носител на ова беше Владата со својата програма "Компјутер за секое дете", така што денеска речиси сите ученици имаат неограничен пристап на интернет. Секако свој придонес за ова имаат и други субјекти, од невладиниот сектор па се до стопанските субјекти кои овозможија интернетот кај нас да биде достапен за скоро секое семејство, за секоја институција, за универзитетите и така натаму.

Дозволете да потсетам дека денес кај нас зборуваме за Е-Парламент за што неодамна во Вашингтон на Меѓународната конференција добивме признание од најразвиените држави на ова поле. Односно целокупниот законодавен процес во Собранието се одвива електронски.

Иако законодавниот процес е транспарентен и ние таа транспарентност токму преку интернетот ја имаме обезбедено сепак е потребна заштита која ќе обезбеди од една страна безбедно одвивање на законодавниот процес, а во истовреме и максимална транспарентност. Верувам дека нашите стручни служби имаат обезбедено максимална заштита на овој процес. 

Дами и господа,
Секако ваквиот развој и фактичката состојба отвора простор за злоупотреба на интернетот, а како што реков најчести жртви се нашите деца. Затоа наша одговорност е како институции, а и како родители да ги преземеме сите конкретни мерки, да ги заштитиме нашите деца кои секојднево, ајде да го употребам нивниот јазик, се "закачени" на интернет. Наша должност е да знаеме каде и со кого  "блогираат" и така натаму.

Како да обезбедиме побезбеден интернет? Мислам дека одговорот на ова не може да го даде само една институција или една научна дисциплина, туку одговорот треба да го бараме интердисциплинарно и меѓуресорски, а секако во тоа да бидат активно вклучени невладиниот и приватниот сектор. Притоа мора да внимаваме и на уште една димензија, а тоа е да се зачува слободата на говорот и слободата на пристап до информации, односно да не ги повредиме општите начела од корпусот на човекови права.

Покрај родителите кои треба да имаат увид што гледаат децата на интернет, по какви "сајтови сурфаат", многу е важна улогата на наставниците кои преку образовниот процес треба од една страна да ги контролираат, но исто толку е важно да ги обучуваат и воспитуваат учениците за опасностите кои се достапни на интернет.  Според мене многу важно е да создаваме свест кај сите нас и кај децата за она што го нарекуваме безбеден интернет. А тука своја улога имаат и невладините организции и медиумите.  

Дами и господа,
Верувам дека на оваа јавна расправа ќе слушнеме многу конкретни предлози, размислувања, како и веќе преземени мерки. Исто така убеден сум дека тој процес за побезбеден интернет и за заштита на нашите деца ќе продолжи во една перманентна грижа на сите одговорни субјекти, без разлика дали станува збор за државни институции, невладин сектор, медиуми, економски субјекти и така натаму.
Како претседател на Собранието можам само да истакнам, дека ако се потребни одредени законски измени или нови закони, убеден сум дека ние како законодавен дом секој таков предлог во согласност со деловничките процедури ќе го усвоиме брзо, а убеден сум со консензус бидејќи станува збор за нашите деца, за нашата млада популација. 
Дозволете ми на крајот уште еднаш да ви посакам успешна работа за да ги заштитеме нашите деца, но и нас самите, за да можеме сите заедно безбедно да "сурфаме". 

Ви благодарам

Click