Собраниско раководство



Понеделник, 20 септември 2010 година

Воведно обраќање на претседателот Вељаноски на МЕЃУДРЖАВНА КОНСУЛТАТИВНА СРЕДБА ЗА УЛОГАТА НА ПАРЛАМЕНТИТЕ ВО ПРОМОЦИЈАТА И МОНИТОРИНГОТ НА ДЕТСКИТЕ ПРАВА

Почитувани гости,
Почитувани,
Дами и господа,

Почестен сум што Собранието на Република Македонија е домаќин на оваа значајна средба, на која ќе се зборува за улогата на парламентите и заштитата на детските права. Ова е прв настан, од серијата настани кои ќе следат, на кои Собранието на Република Македонија ќе демонстрира посебна заложба за промоција и заштита на правата на децата во нашата земја.

Нашата посветеност се должи на разбирањето на големата одговорност која ја имаме, но исто така се должи и на сфаќањето дека ние го имаме авторитетот, способноста и волјата да направиме значајни промени во животот на децата во нашите земји.

Сите ние често велиме дека децата се наше најголемо богатство, меѓутоа се прашувам колку сме постигнале во областа на детските права. Децата се најранливите членови на општеството, и токму поради тоа нивните права се повредуваат на најгруб начин и во најгруб облик. Сите чувствуваме згрозеност кон педофилијата, експлоатацијата на децата како работна сила или преку вклучување во вооружени конфликти. Ги споменав само најдрастичните примери. Сепак, во духот на еднаквите и неотуѓиви права, децата имаат и други права кои се подеднакво важни, како што е правото на живот, опстанок и развој, како и правото да бидат сослушани и разбрани. Оспорувањето на овие права ретко завршува на насловните страници од весниците, а тие се сепак во суштината на правата на децата.

Ако го погледнеме македонското законодавство, кое на директен или индиректен начин ги штити правата на децата, можеме да истакнеме дека духот и начелата од Конвенцијата за правата на детето се преточени во домашното законодавство. Од друга страна, и кај нас имаме сè почести случаи на кршење на правата на децата, и за голема жал се случуваат и оние најгруби патолошки појави како што е злоставувањето. Секако, институциите, овде мислам како на извршната власт, така и на судската, преземаат мерки за откривање и санкционирање на овие страшни појави, но сите ние многу добро знаеме дека многу поефикасна е превенцијата отколку санкциите.

Парламентите можат и мораат да имаат многу поактивна и попосветена улога во оваа најранлива сфера од нашето живеење. Покрај донесување закони и други акти, парламентите, исто така, имаат задача да вршат надзор над спроведувањето и извршувањето на законите, и во таа насока треба да бидеме многу поактивни и побудни.

Во 2009 година, со потпишувањето договор за соработка со УНИЦЕФ, Собранието на Република Македонија направи значаен ангажман со цел да ги искористи своите надлежности во унапредувањето и заштитата на правата на децата. Со Меморандумот востановивме две тела кои изготвија работен план,  кој вклучува повеќе јавни расправи и теренски посети поврзани со важни прашања, како што се домашното законодавство и  Конвенцијата за правата на детето; насилството во училиштата и  малолетничката правда. Ќе спроведеме анализа на буџетот и на законите од гледна точка на детските права. И што е најсоодветно за овој консултативен состанок, исто така земавме обврска да ја разгледаме можноста за воспоставување на Постојан комитет за детски права.

Како прво парламентарно тело во светот посветено на претставување на интересите на децата во работата на националниот парламент, Комисијата за детски прашања во Бундестагот претставува можен модел кој треба да го земеме предвид и да го разгледаме. Слично на ова, Комисијата за деца во српскиот парламентот - група која неодамна се преобрази од неформално во постојано тело – исто така има значително и релевантно искуство кое може да го сподели со нас. Во текот на наредните два дена ќе бидеме во можност да дознаеме повеќе за нивните искуства што ќе ни помогне во разгледувањето на можноста за воспоставување комитет.

Иако во Собранието на Република Македонија во моментов нема постојан комитет кој е исклучиво посветен на децата, јас сум горд што во рамките на разни комисии и во работата на Собранието,  исто така имаме успеси во тоа што постигнавме децата и детските прашања да се земаат предвид во законите, во алокацијата на буџетски средства и во други области од парламентарната расправа. Убеден сум дека нашето искуство, исто така, ќе биде од полза за нашите колеги од Германија и Србија.

Во духот на прогресивните остварувања на правата, секогаш може да се направи уште повеќе за универзалното остварување на детските права. Во текот на наредните два дена, ќе имаме можност да научиме едни од други и да се инспирираме за да оствариме поголеми постигања за децата во нашите земји и како поединци и колективно.

Парламентарците ги претставуваат различните групи и различните интереси на луѓето кои ги избрале. Иако ова е дел од демократијата, тоа сепак понекогаш значи дека пратениците имаат различни ставови, мислења, па и приоритети. Сепак, сигурен сум дека сите во оваа сала ќе се согласат, дека кога станува збор за ефективноста на националните стратегии, механизми и финансиската поддршка за унапредување на правата на детето, сите парламентарци, без оглед на која партија или интересна група припаѓаат, се обединети.

Затоа, би сакал да ја искористам оваа свечена пригода, да ја  искажам нашата благодарност до Канцеларијата на УНИЦЕФ за нивната поддршка во организирањето на оваа средба.  Исто така, би сакал да ја изразам нашата благодарност до колегите од германскиот Бундестаг и Собранието на Република Србија затоа што издвоија неколку дена од својот зафатен распоред за да ни се придружат во текот на следните два дена и да ги споделат своите искуства со нас. Исто така, сакам да се заблагодарам на моите колеги, пратениците од Собранието на Република Македонија затоа што се приклучија на средбата заедно да го поттикнеме политичкиот консензус на сите политички фактори во земјата за да демонстрираме подготвеност кон унапредувањето и заштитата на детските права во Република Македонија.

За да направиме чекор напред треба да бидеме искрени со самите себе не само за нашите достигнувања, но, исто така, и за нашите ограничувања. Затоа знам дека ќе ме поддржите и ќе се потрудите оваа средба да биде спроведена во духот на искреност.

Ви посакувам плодна дискусија во текот на следните два дена.

Ви благодарам,

Click