Собраниско раководство



Среда, 3 февруари 2010 година

Обраќање на претседателот Вељаноски по повод наградата „Бисер на мудроста“, доделена од Европската асоцијација за цервикален канцер

Почитувани дами и господа,  

Во пресрет на утрешниот Светски ден за борба со ракот, денеска сме собрани овде од две причини. Првата е наградата „Бисери на мудроста" која ја доделува Европската асоцијација за цервикален канцер, со која се изразува признание за напредокот на Македонија на Самитот за цервикален канцер, кој се одржа на крајот на минатиот месец во Европскиот парламент во Брисел.

Како пратеник и како претседател на Собранието на Република Македонија навистина ми причинува големо задоволство фактот дека оваа награда, меѓу другите институции и невладини организации, од Македонија ја добива и Комисијата за еднакви можности на жените и мажите при Собранието на Република Македонија. Со ова не само што се потврдуваат активностите и резултатите на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, туку е и признание за активноста и работењето на Собранието, како и за нивото на парламентаризмот кај нас, кој не се сведува само на процесот на донесување на закони туку многу пошироко. 

Во суштина, ова признание ја осликува онаа интерактивност меѓу извршната власт која предлага закони и Собранието како законодавна власт, кое во процесот на донесувањето на законите, пред сè, во комисиските расправи, тие закони ги разгледува и ги надополнува со амандмани. Секако, во тие процеси, голема улога има и невладиниот сектор, кој прво ги идентификува проблемите и лобира за нивно решавање преку закони, а потоа заедно со Собранието, односно надлежните комисии, врши мониторинг на нивното спроведување во практиката. Да потсетам дека во 2007 и 2008 година, Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, заедно со невладините организации, организираше повеќе јавни расправи кои се однесуваа токму на оваа проблематика. Сето ова резултираше со дополнувања на Законот за здравствена заштита и воведување на задолжителни бесплатна ХПВ вакцинација. Притоа, сакам да истакнам уште една димензија, а тоа е високиот консензус кој го имаме постигнато кога станува збор за закони кои се однесуваат на превенцијата на здравјето на граѓаните, што ја покажува одговорноста на сите парламентарни партии.  

Втората причина за која сме денеска овде, и која во суштина е најважна, што треба да се прави во иднина. 

Дами и господа,  

Борбата со ракот е, пред сè, прашање на медецината како наука. Но, оваа лоша болест има и уште една димензија, а тоа е социо-економската, па ако сакате и психолошката димензија, која ја чувствуваат не само болните, туку и нивните семејства и пошироко.  Верувам дека на сите овие прашање ќе стане збор на денешната јавна расправа која ја организира Комисијата за еднакви можности на жените и мажите во соработка со невладиниот сектор.

Како претседател на Собранието, тргнувајќи од моите деловнички надлежности, сакам да ве уверам дека и понатаму ќе ја поддржувам секоја иницијатива која е во функција на поефикасна борба против оваа болест. Без разлика дали станува збор за измени и дополнувања на законите или станува збор за јавна расправа или која било друга форма која е својствена на парламентаризмот, верувајте дека ќе ја поддржам, а убеден сум дека таа поддршка ќе ја имате од сите 120 пратеници. Затоа, би сакал на крајот уште еднаш да изразам благодарност и честитки до Комисијата за еднакви можности на жените и мажите и на сите нејзини членови кои со својата активност ја донесоа оваа награда на Собранието на Република Македонија.  Во исто време им честитам и на другите носители на оваа награда, Министерството за здравство на Република Македонија, Организацијата на жените од Свети Николе, Центарот за регионални истржувања „Студиорум“ и Македонското женско лоби, со уверување дека сите заедно ќе продолжиме и во иднина успешно да работиме за добробит на сите граѓани на Република Македонија.   

Ви благодарам

Click