Собраниско раководство



Понеделник, 17 мај 2010 година

Обраќање на претседателот Вељаноски по повод свеченото потпишување на Меморандумот за разбирање помеѓу швајцарскиот федерален совет и Собранието на Република Македонија

Почитувана амбасадорке Вирш,
Почитувани потпретседатели на Собранието,
Почитувани координатори на пратенички групи,
Колеги пратеници,
Собраниски службеници,
Претставници на меѓународната заедница,
Почитувани гости,  

Ми претставува особено задоволство што денеска пристапуваме кон официјално потпишување на еден значаен проектен документ за развојот на нашиот парламентарен капацитет. На оваа мала свеченост, заедно со нејзината екселенција Никол Вирш, амбасадорот на Швајцарската конфедерација во Република Македонија, ќе го потпишеме Меморандумот за разбирање со кој се поддржува основањето и развојот на Парламентарниот институт на Собранието на Република Македонија. 

Познати се нашите заеднички заложби за зајакнувањето на сeвкупните парламентарни капацитети. Всушност, тие заложби во средината на минатата година ги вградивме во Законот за Собранието на Република Македонија. Тие, особено преку овој чин, се потврдуваат како значаен приоритет во нашиот парламентарен развој. Со подобрена подготовка на законодавниот процес, ја зајакнуваме функционалноста и автономноста на парламентот, а на тој начин го ефектуираме и принципот на поделба на власта, на владеење на правото и демократијата во Република Македонија.   

Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија  за 2009 година јасно ја одрази нашата заедничка заложба за демократски реформи и јакнење на нашиот институционален капацитет. 
Парламентарниот институт ќе биде професионална, независна, аналитичка и истражувачка служба, која ќе му обезбедува на Собранието, пратениците и собранискиот персонал објективни и авторитативни анализи; компаративни европски анализи и анализа на закони; пристап до модерен законодавен архивен систем и истражувачка библиотека. Службата на Институот за едукација ќе нуди обуки за пратениците, собранискиот персонал и практикантите, и специфични односи со јавноста. Работата на Парламентарниот институт ќе се базира на принципот на непристрасност, достапност и кредибилитет со потенцијал кој би обезбедил да биде релевантна и компетитивна и во пошироки рамки.    

Нашето очекување е дека со воведувањето на ваков вид аналитичко-истражувачка служба за потребите на пратениците ќе се унапреди и законодавната и надзорната улога на Собранието на Република Македонија. Во оваа смисла, очекувам и надзорните расправи, чија реализација започна оваа година, да добијат моќен инструмент кој ќе го подобри нивниот квалитет и целисходност. Зајакнувањето на Собранието со нови човечки ресурси, кое го направивме во изминатиот период заедно со обезбедувањето на потребниот работен простор за пратениците и собраниската служба кон чија реализација пристапивме, треба да го оптимализира нашиот вкупнен парламентарен капацитет. Активноста на заокружување и развој на канцелариите за контакти на пратениците со граѓаните, за која повторно имаме поддршка од нашиот швајцарски партнер, треба да обезбеди наша поинтензивна комуникација со граѓаните и нивните предлози, оценки и мислења.  

Почитувани, 
Создавањето на непристрасен и професионален Парламентарен институт, кој обезбедува информации, истражување и анализи, внатрешни обуки и односи со јавноста, има широка поддршка од сите партии во Собранието на Република Македонија.  

Во оваа прилика би сакал да им се заблагодарам на потпретседателите на Собранието, координаторите на пратеничките групи и на сите други наши колеги и службеници, за нивната посветеност, лидерство и поддршка за воведувањето на Парламентарниот институт.   

Собранието инвестираше финансиски средства за да обезбеди соодветен и обновен работен простор за Парламентарниот институт во рамките на Собранието.  Се планира реновирањето на работниот простор да заврши наскоро. Собранието, исто така, постепено ќе го преземе покривањето на трошоците за Парламентарниот институт од почетокот на 2011 година.     
Дваесет и четири члена на високо квалификуван тим од аналитичари, истражувачи и обучувачи, вклучувајќи правници, економисти, историчари, библиотекари и специјалисти по информациски технологии, ќе обезбедат услуги на македонски и албански јазик, и дополнително, вработените во Институтот ќе имаат познавање од англиски или француски јазик за соодветно да вршат споредбено истражување и размена со нивните европски колеги. 

Собраниската истражувачка библиотека и архива ќе бидат, исто така, модернизирани со воведување на дигитално архивирање, нови книги, публикации и претплатни изданија од светски признати бази на податоци за правни истражувања и анализи.  

Сите овие средства се наменети за обезбедување на Парламентарниот институт со неопходниот простор, кадар и технички ресурси за вршење на парламентарно истражување и анализи кои му се потребни на Собранието како значајна поддршка на евроатлантските интегративни процеси. 

Од името на Собранието, ве уверувам дека ќе обезбедиме парламентарна поддршка за да осигураме отворен, правичен, транспарентен, конкурентен и ригорозен процес на селекција за вработување на високостручен, професионален кадар, способен да продуцира независно аналитичко и споредбено истражување. Особено ми причинува задоволство што во ова залагање сме поврзани со нашиот докажан партнер, Швајцарската агенција за соработка и нашите пријатели од Националниот демократски институт за меѓународни работи (НДИ). Интегритетот и независноста на имплементаторите се високо вреднувани и ќе ги зајакнат принципите на Парламентарниот институт за непристрасност, достапност и кредибилитет низ нивното  водство и поддршка. 

Исто така, ја користам оваа прилика, покрај на нашите швајцарски партнери, да им се заблагодарам и на Амбасадата на Соединетите Американски Држави, Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Чешката Република и Словачката Република, за нивната континуирана поддршка за парламентарен развој и за оваа иницијатива, како и на УСАИД, Иницијативата на САД за Демократско партнерство на Конгресот, Европската комисија, Европскиот центар за парламентарно истражување и документација, Вестминстер фондацијата за демократија и на чешкиот и словачкиот парламентарен институт. 

Ви благодарам

Click