Собраниско раководство



Петок, 18 јуни 2010 година

Обраќање на претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, на Конференцијата: Институционални механизми за соработка помеѓу Собранието и Граѓанскиот сектор во Република Македонија

Ваша Екселенцијо,
почитувани колеги пратеници,
почитувани дами и господа,

Со посебно задоволство ја прифатив поканата да се обратам на денешнава конференција од неколку причини: најпрво затоа што Собранието е поддржувач за нејзиното организирање, второ, поради нашата досегашна соработка со невладиниот сектор и најпосле поради потребата за засилено партнерство со цивилниот сектор затоа што со тоа го зајакнуваме севкупниот парламентарен капацитет.

Сакам и во оваа прилика да потсетам дека развојот на граѓанскиот сектор е од исклучителна важност за основните демократски вредности на една земја, како и за поттикнување на граѓанската свест за поширок општествен ангажман. Со овој развој истовремено се афирмираат уставно загарантираните човекови права, односно слободно здружување заради остварување и заштита на разнородните права и уверувања, правото на слободен говор и партиципативната демократија. 

Eдна од клучните карактеристики за степенот на развој на демократијата е степенот на вклученост на граѓаните во процесот на креирање политики. Една од најлесните алатки за постигнување на таа цел е невладините организации во Република Македонија да бидат вклучени во едукацијата и информирањето на граѓаните со цел да придонесат кон развој на подемократско општество

Во оваа смисла неопходно е да се насочиме и кон градење на институционални механизми и принципи за соработка и партнерство со невладиниот сектор при креирањето и спроведувањето на разните политики. Клучен збор и механизам при креирањето на ова одржливо партнерство е градењето и потврдувањето на меѓусебната доверба.

Од своја страна, невладиниот сектор треба внатрешно да поработи на изнаоѓање на механизми и принципи преку кои јасно би се разграничиле поединeчните капацитети и граѓанска посветеност на субјектите кои го чинат невладиниот сектор. Треба да работат на меѓусебната доверба и соработка и да почитуваат соодветни кодекси во своето делување. 

Ваквата улога на граѓанскиот сектор во промовирањето и градењето на демократската култура и социјална кохезија на сите општествени нивоа ја подразбира и соработката со Собранието на Република Македонија. Собранието секако како централна институција на граѓаните - за граѓаните има обврска да работи на остварување на горенаведените заложби. 

Нашата непосредна соработка и партнерство се одвива и треба понатаму да се разработи во следните парламентарни сегменти:

  • покрај повременото, но редовно учество, на невладиниот сектор во настани како што се традиционалната манифестација Отворен парламент и Меѓународниот ден на демократија, кој започна да се одржува на 15 септември, како и на повеќе заеднички проекти во изминатиот период и
  • засилено учество во законодавната активност на комисиите и соодветните јавни дебати;
  • понатаму преку неодамна воведените надзорни расправи;
  • преку канцелариите за контакт на граѓаните со пратениците
  • и со новоформираниот парламентарен институт.   

Еден од клучните парламентарни партнери е домаќинот на оваа конференција, Граѓанската асоцијација МОСТ, која почнувајќи од 2003 година придонесува за јакнење на соработката меѓу пратениците и електоратот. Проектот Мобилен парламент, Канцеларијата за контакт меѓу невладините организации и Собранието и Правниот ресурсен центар се дел од придонесот кон потранспарентни и одговорни пратеници. 

Еден пример за соработка и поврзаност претставува и проектот „Мојот пратеник“, кој започна во 2006 година преку потпишување на меморандум за меѓусебна соработка, со кој се зголеми информирањето на граѓаните за работата на нивните избраници во Собранието и кој денес Собранието самостојно го реализира.

Проектот „Собраниска мрежа за контакти со граѓаните“ исто така беше започнат со МОСТ. Финалната фаза на овој проект сега се реализира во соработка со граѓанското здружение Институт за парламентарна демократија (ИПД). Преку овој проект невладините организации и граѓаните имаат можност да ги користат канцелариите за да достават законски идеи и грижи со цел да учествуваат во процесот на подготовка и усвојување на законите со што се подобрува граѓанската доверба во парламентот.

Согласно Деловникот на Собранието, работните тела имаат можност на своите седници да поканат и претставници од здруженијата на граѓаните заради изнесувања на мислења по прашањата што се разгледуваат на седницата на телото. Здруженијата на граѓаните, исто така, можат да дадат на работното тело иницијативи за расправа по одделни прашања. Затоа од ова место сакам да ја поттикнам реализацијата на оваа деловнички дадена можност.

Во делот на започнатото спроведување на надзорните расправи, воведени со Законот за Собранието, очекувам помошта која ја дава НДИ на овој процес да ги опфати и формите и принципите за непосредна вклученост на идентификувани невладини организации во фазите на расправата и особено во т.н. сведочења. Особено очекувам невладиниот сектор да заземе уште поголемо учество во надзорните расправи, јавните расправи на Собранието и во мониторингот на имплементацијата на законите. 

Посебен сегмент на потенцијална непосредна соработка меѓу пратениците поединечно и граѓанскиот сектор, треба да бидат и Канцелариите за контакт меѓу пратениците и граѓаните. Во овие канцеларии треба да се артикулираат здружените заложби на граѓаните во различни сегменти од локално значење.

Со воведувањето на Парламентарниот институт ќе се унапреди и законодавната и надзорната улога на Собранието на Република Македонија. Моите очекувања за градење на ново партнерство со невладиниот сектор се и во оваа насока.  Би било корисно доколку вработените во Институтот во една нова форма и димензија на партнерски однос ги користат информациите и се консултираат, меѓу другите, и со претставници на невладиниот сектор.  

Придонесот на невладините организации е значаен во промовирањето и градењето на демократската култура и социјална кохезија на сите општествени нивоа, па во оваа смисла и кон промовирањето на патот на Република Македонија кон евроатлантските интеграции. Членството во ЕУ налага бројни реформи, во чие спроведување практично учествуваат сите граѓани. Евроинтегративниот процес не значи само донесување на закони, туку и нивна успешна имплементација со крајна цел подобрување на стандардот и квалитетот на живеење на граѓаните. Во оваа насока, Собранието е отворено за соработка со невладините организации фокусирани на евроинтегративниот процес, а тоа е институционално потврдено и со учеството на нивни претставник во Националниот совет за евроинтеграции. 

Во оваа прилика, сакам да потсетам дека неодамна Собранието го усвои Законот за здруженија и фондации - овој закон беше донесен со голема усогласеност со невладините организации и беа прифатени голем број на амандмани поднесени токму од нив. 

Зајакнувањето на Собранието со нови човечки ресурси кое го направивме во изминатиот период, заедно со обезбедувањето на потребниот работен простор за пратениците и собраниската служба кон чија реализација пристапивме, треба да го  оптимизира нашиот вкупен парламентарен капацитет. 

Очекувам плодна расправа на денешната конференција и импулс за побогата и посодржајна соработка меѓу невладиниот сектор и Собранието на Република Македонија. 

Благодарам

Click