Собраниско раководство

Понеделник, 2 август 2010 година
 
обраќање на Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски пред споменикот на Методија Андонов - Ченто

Почитувани членови на семејството Ченто,
Дами и господа,
Уважени претставници на Народноослободителната борба,
Драги пријатели

Денес кога на Мечкин Камен, во Пелинце и ширум целата држава се одбележуваат и слават двата Илиндена, се собравме овде да му оддадеме почит на Методија Андонов – Ченто, првиот претседател на Президиумот на АСНОМ. Човек кој целиот свој живот се бореше за остварување на идеалите на двата Илиндена, за слободна и самостојна Република Македонија, како држава на македонскиот народ и на сите нејзини граѓани, без разлика на нивната национална или верска припадност.

Роден во Прилеп, на 18 август 1902 година, Методија Андонов - Ченто  уште од раната младост ја прифаќа и до крајот на својот живот се бори за македонската национална кауза.

Денес, овде пред неговиот споменик верувам дека сите се восхитуваме на неговата морална сила, на неговата гандиевска упорност со која се бореше. Иако на првото заседание на АСНОМ тој е избран за прв претседател на Президиумот, Ченто многу брзо доаѓа во судир со партискиот врв токму околу оние прашања кои се поврзани со државноста на Македонија во рамките на Југословенската федерација.

Во подготовките за новиот Устав на Федеративна Југославија, Ченто на југословенскиот државен и партиски врв јасно им става до знаење дека тој се залага во Уставот да биде внесено правото на самоопределување со право на осамостојување, како и поголема економска независност на федералните единици. И токму тоа беа причините за тогашниот партиски врв на Македонија да поведе вистинска хајка против Ченто. Принципиелен како што секогаш бил Ченто не се откажува од своите ставови и на 16 февруари 1946 поднесува оставка на сите свои функции и се враќа повторно во Прилеп.

Свесни, но во исто време уплашени од големиот морален и политички углед на Ченто и неговата упорност за остварување на вековните идеали на македонскиот народ за своја држава која ќе биде демократска, новата еднопартиска власт во мај 1946 година тајно го апси. 

Во ноември истата година на монтиран судски процес Методија Андонов - Ченто е осуден на 11 години строг затвор. Иако во текот на судскиот процес, а потоа за време на издржувањето на затворската казна, власта неколку пати му предлага да се откаже од своите идеи и да побара помилување, Методија Андонов - Ченто одбива, без да помисли на себе, без да помисли на своето семејство и на своите четири деца, што јасно покажува каква личност беше тој. Дури по скоро десет години одлежани во затвор, во септември 1955 година, со веќе сериозно нарушено здравје тогашната власт условно го ослободува. Но со тоа неговото страдање и малтретирање не престанува. Не му дозволуваат да оди на лечење во странство и во ужасни маки умира на 24 јули 1957.

Дами и господа,
почитувани пријатели,

Ги споменав овие делови од биографијата  на првиот претседател на АСНОМ, Методија Андонов - Ченто, со цел сите да се прашаме токму на овој ден, Илинден, кога живееме во самостојна  слободна и демократска Македонија, дали не ни недостасува токму таа свест за државотворност која во себе ја носеше и ја манифестираше Ченто. Ова е уште поважно сега, кога сакаме да ги оствариме нашите евроатлантски определби. Определби кои се логична надградба на соништата и стремежите на Гоце Делчев, Даме Груев, на Брашнаров, на Шатев, на Ченто и на ред други. За жал, иако ги исполнивме условите за членство во НАТО, иако уште мината година добивме препорака за отпочнување на преговори со Европската унија ни се случуваат блокади.

А причината за ова е само една, националниот, културниот и јазичниот идентитет на македонскиот народ. Во нашата историја ова не е прв пат некој да се обидува да го негира нашиот национален и културен идентитет. Но македонскиот народ секогаш успевал да го зачува својот национален идентитет, својот јазик, својата самобитност.

Токму тоа историско искуство и историско паметење, верувам кај сите нас влева оптимизам и сигурност дека и оваа битка, која ја водиме со преговори ќе резултира со решение, кое нема да задира во нашиот национален идентитет и ќе овозможи наша целосна интеграција во европското семејство, во кое македонскиот народ и сите граѓани на Република Македонија културно и цивилизациски припаѓаат.

Почитувани,

Ченто беше демократ, и достоинствен, но бескомпромисен национално определен Македонец. Со овие свои вредности останува засекогаш во историјата на македонскиот народ и држава, но во исто време ни остави и обврска нам и на идните генерации како  треба да се брани државотворноста и националниот идентитет. Затоа е потребно постојано да се навраќаме и да учиме од него.

Ви благодарам
Click