Собраниско раководство



Понеделник, 20 септември 2010

Поздравно обраќање на претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, на Седницата на Комисијата за миграции, бегалци и население на ПС на СЕ

Почитуван  претседател на Комисијата, г. Гринвеј,
Почитувани колеги пратеници,
Дами и господа,

Имам чест и задоволство што можам од името на пратениците на Собранието на Република Македонија и од мое лично име да го отворам состанокот на Комисијата на ПС на СЕ за миграција, бегалци и население во времето на Македонското претседателтво со Советот на Европа.

Собранието на Република Македонија ѝ посветува особено значење на можноста за прв пат да претседава со најстарата паневропска организација и да даде свој придонес во остварувањето на заедничките европски цели и вредности. Од добивањето на статусот полноправна членка во 1995 година, Република Македонија активно учествува во работењето на сите институции кои се во рамките на Советот на Европа, но истовремено и одговорно ги остварува своите обврски кои потекнуваат од самото членство.

Нашата посветеност кон широката промоција на целите и заложбите на Советот на Европа во изминатата година е засилена и изразена преку повеќе активности. По повод 60-годишнината од формирањето на Советот на Европа организиравме свечена седница на Собранието на Република Македонија посветена на афирмација на принципите врзани со човековите права и слободи, демократијата и владеењето на правото, вредности со кои се идентификуваат сите демократски држави во Европа. Беа организирани кампањи и тркалезни маси посветени на правата на децата, женските права, хендикепираните лица и други актуелни теми покренати од СЕ. Во периодот на Македонското претседателство со Советот на Европа бевме домаќини на седниците на Бирото и Постојаниот комитет и еве сега на седницата на Вашата Комисија.

Иницијативата на Комисијата за миграции, бегалци и население да ѝ биде упатена покана да одржи состанок во Република Македонија беше инсипирирана и од фактот што темите кои се предмет на вашите расправи се мошне актуелни, како во нашиот регион, така и во цела Европа.

Дами и господа,

Советот на Европа преку своите конвенции и кампањи ја подигнува свеста на 800 милиони Европејци и во соработка со Европската унија воспоставува стандарди во низа области на заштитата и унапредувањето на човековите права. Борбата против криумчарењето и недозволената трговија со луѓе е една од нив. Станува збор за модерно ропство и една од најлошите форми на кршење на човековите права. Оваа појава не познава граници и може да се искорени единствено со заеднички пристап  на меѓународен  план. За таа цел постојат низа инструменти на Советот на Европа, меѓу кои, по своето значење, се издвојува Конвенцијата за борба против трговијата со луѓе. Со неа се обезбедува казнување на прекршителите и заштита на жртвите.

Раководејќи се според препораките на Парламентарното собрание на Советот на Европа, нашето Собрание во мај минатата година ја ратификува оваа Конвенција, а Република Македонија учествува континуирано и активно во транснационалните механизми за борба против трговијата со луѓе. Во последните години нашата држава бележи значителен напредок во борбата против трговијата со луѓе, што беше нотирано во извештаите на релевантни меѓународни институции.

По либерализација на визниот режим за граѓаните на Република Македонија и некои други држави од регионот забележано е извесно зголемување на барањата за азил во земјите-членки на ЕУ. Од страна на Владата се преземени соодветни превентивни мерки кои веќе дадоа резултати и состојбата е нормализирана. Бројот на лицата баратели на азил евидентно е намален - до незначителна бројка. Во повеќе случаи веќе се изречени парични казни, но и забрани за работа на туристички агенции кои беа предмет на проверка. Продолжуваат превентивните активности за зголемување на свеста и информирање на граѓаните за вистинската содржина на визната либерализација и за негативните последици и проблеми што за нив можат да настанат доколку се неуспешни баратели на азил.

Светската јавност со внимание и загриженост ги следи последните настани сврзани со Ромите во некои европски држави. Поради тоа, со право во Парламентарното собрание на Советот на Европа е покрената иницијатива ова прашање да биде разгледано по ургентна процедура на престојната октомвриска сесија. Според зборовите на Комесарот за човекови права на Советот на Европа, г. Томас Хамарберг, за жал, постојат тенденции за дискриминација и репресија на Ромите. Тој упатува и остри критики за одлуката на некои европски држави за враќање на ромските бегалци во земјите на потекло и повикува на нивна локална интеграција. 

Дозволете ми да ве информирам дека ромската етничка заедница кај нас е уставна категорија, како и другите етнички заедници и ги ужива сите индивидуални и колективни права за зачувување и развивање на нивниот национален, културен и јазичен идентитет. Во Собранието на Република Македонија, уште од првиот парламентарен состав па до денес, Ромите имаат свои пратеници, присутни се во Владата, министерствата, а имаме и Ром градоначалник. Сметам дека сме една од ретките држави во која е обезбедено основно образование на ромски јазик. Како држава-кандидат за членка на Европската унија, ја усвоивме Националната стратегија за целосна интеграција на Ромите, за подобрување на нивниот економски и социјален статус. Тоа прашање никаде во Европа не е целосно апсолвирано и потребни се натамошни заеднички напори за унапредување на социјално-економската положба на Ромите.

Во рамките на Македонското претседателство со Советот на Европа, во јуни оваа година одржавме Регионална конференција посветена на пристапот на Ромите до документите за лична идентификација. Во завршниот документ на Конференцијата  препорачано е владите да преземат координативен и проактивен пристап во идентификувањето и помагањето на маргилизираните лица без документи за решавање на нивните проблеми.

Почитувани гости,

Имајќи го предвид константниот интерес на Комисијата за следење на миграционите движења, сакам да укажам дека и кај нас е присутен феноменот на таканаречената потенцијална миграција - која достигнува загрижувачки размери кај младата високо образована популација. Во Југоисточна Европа, поради географската положба, е присутен и порастот на транзитна и илегална миграција. За спроведување на конзистентна политика во однос на овие движења, со посебна Резолуција е утврдена миграциона политика на Република Македонија за периодот 2009-2014 година, со што како држава ја покажуваме својата подготвеност и определба да ги споделуваме општоевропските искуства во оваа деликатна област.

Во оваа пригода, би сакал да ве информирам и дека Република Македонија од 1 до 15 април 2011 година ја очекува  спроведување на редовен попис на населението. Во процесот ќе бидат вклучени сите етнички заедници, со што ќе се обезбеди правична застапеност на сите нивоа во пописните комисии и употребата на јазиците на заедниците. Државата е целосно подготвена и има капацитет да го спроведе пописот по европски стандарди, но тој ќе биде набљудуван од ЕВРОСТАТ, за да не се доведе во прашање довербата во пописните резултати.  

Се надевам дека отворајќи ја оваа седница, покренав некои прашања од интерес за вашата Комисија кои ќе бидат темелно обработени од страна на експертите и членовите на вашата Комисија.

Благодарам на вниманието и ви посакувам успешна работа.

Click