Собраниско раководство



Петок, 11 јуни 2010 година, Лимасол, Кипар

ОБРАЌАЊЕ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА СОБРАНИЕТО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА, Г. ТРАЈКО ВЕЉАНОСКИ, НА ЕВРОПСКАТА КОНФЕРЕНЦИЈА НА ПРЕТСЕДАТЕЛИ НА ПАРЛАМЕНТИ

Почитуван претседавач,
дами и господа,
екселенции,

Кога зборуваме за демократијата, секогаш мислиме на односите меѓу владата и парламентот, односно на нивната соработка, но и на тензиите кои се присутни во тие релации. За разлика од владата, која по својот карактер е многу помонолитна, парламентот како носител на законодавната власт ја изразува политичката, а во некои примери и националната плуралност на секое општество. Парламентите на секоја демократска држава работат максимално транспарентно, така што јавноста, односно оние кои нè избираат може да го оценат работењето и на мнозинството и на опозицијата.

Присуството на опозицијата во парламентарната демократија, во суштина, е дел од општите човекови права. Токму нејзиното присуство и прифаќање, како политичка реалност, претставува основен критериум според кој едно општество или држава се оценуваат како демократски односно авторитарни.

Само во две европски држави местото на опозицијата е уредено со устав, односно со закони. Од друга страна, Советот на Европа, односно неговите институции, Парламентарното собрание и Венецијанската комисија, имаат повеќе резолуции и други документи кои јасно го дефинираат ова прашање. Дополнително, кога зборуваме за правата и обврските на опозицијата, тоа е тесно поврзано со политичката култура, а политичката култура е процес кој не може едноставно да се преземе туку се гради.

Дами и господа,

Во парламентот може да имаме вистинска опозиција, која не би била само декор, единствено преку фер и демократски избори. Во Република Македонија, од нејзиното осамостојување досега, одржани се 6 парламентарни избори, кои се окарактеризирани како фер и демократски, односно избори кои ги исполнуваат европските стандарди. Тоа јасно стои во извештаите на ОБСЕ-ОДИХР и Советот на Европа. На тој начин, во актуелниот состав на нашиот парламент, во целост се рефлектира волјата на избирачите.

Собранието на Република Македонија, како и сите демократски парламенти, работи според Деловник, кој според своите одредби не го фаворизира ниту владејачкото мнозинство, ниту опозицијата, туку ја обезбедува рамноправноста и одговорноста на секој пратеник во целокупниот процес на донесување на закони, односно во сите активности на парламентот. Затоа би се задржал на неколку практични решенија кои ја одразуваат положбата на опозицијата во нашето Собрание.
Еден од тројцата потпретседатели на Собранието се избира по предлог и е од редот на опозицијата. Исто така, претставници на опозицијата водат и неколку значајни парламентарни комисии, како што се на пример Комисијата за буџет, Постојаната анкетна комисија за заштита на правата и слободите на граѓаните, Комисија за надзор над работата на управата за безбедност и контраразузнавање и на агенцијата за разузнавање, како и на Националниот совет за евроинтеграции.

Значаен  механизам преку кој се рефлектира положбата на опозицијата, односно нејзините права и обврски се редовните  неделни координации на кои присуствуваат координаторите на сите пратенички групи, потпретседателите на Собранието и претставник на владата на Република Македонија, а со кои раководи претседателот на Собранието на Република Македонија. 

На координациите, најчесто со консензус, се утврдува динамиката на одржување на пленарните седници и дневниот ред, работата на собраниските тела и воопшто за целокупното парламентарно работење. Исто така, од страна на претставникот на Владата, редовно добиваме информации за идните законски проекти кои ги подготвува, а на тој начин и мнозинството и опозицијата имаат увид во активностите на Владата, а во исто време можат со свои предлози и забелешки да влијаат на нејзиното работење.

Законот за Собранието на Република Македонија, донесен неодамна, исто така е во функција на јакнењето на парламентаризмот, а со тоа и јакнење на правата и обврските на опозицијата односно  на сите пратеници. Со овој закон се јакне надзорната функција на парламентот врз извршната власт, при што секоја собраниска комисија може да организира надзорна расправа за конкретна тема, односно за примената на одреден закон. На овие расправи учествуваат пратеници, претставници на влада на ниво на министри или заменици-министри, потоа експерти, како и претставници на невладиниот сектор. И мора да истакнам дека на нив опозицијата досега покажа многу критичен, но конструктивен пристап.

Секако, особено внимание посветуваме на обезбедување на материјални, просторни и други услови за нормално работење на секој пратеник, без разлика дали станува збор за мнозинството или опозицијата. Исто така, имаме отворено над 50 парламентарни канцеларии во внатрешноста на државата со асистенти кои  им служат на сите пратеници за редовни контакти со граѓаните. Понатаму, секој последен четврток во месецот се одржува пленарна седница на која пратениците поставуваат прашања до Владата, при што  пратениците на опозицијата имаат право да постават двојно повеќе прашања од парламентарното мнозинство.

Дами и господа,

Транспарентноста во работењето на секој парламент е услов без кој не можеме да зборуваме за парламентарна демократија, а во тие рамки и за правата и обврските на опозицијата. Во Собранието на Република Македонија целокупниот законодавен процес се одвива електронски, од доаѓањето на закон или друг материјал преку поднесување на амандмани па сè до усвојувањето. Сето ова преку нашата веб-страница е достапно до најшироката јавност. Исто така, стенограмите од расправите по комисии, заклучоците, како и стенограмите од пленарните седници преку веб-страницата се достапни до јавноста. Втора значајна алатка е собранискиот ТВ канал, на кој во живо се пренесуваат сите пленарни седници, се емитуваат расправите по комисии, надзорните расправи и така натаму.  Ова го истакнувам од причина што на овој начин опозицијата, но и мнозинството, многу транспарентно и пред јавноста можат да ги изнесат своите ставови, мислења и аргументи, а јавноста може да го оцени работењето како пратеници.
 
Почитувани колеги,

Не би сакал ова да се сфати како некаква виртуелно идеална слика. Имено, прашањето на опозицијата и мнозинството е прашање кое не се завршува еднаш засекогаш, туку  треба постојано да се надградува и развива.

Тоа што лично ме охрабрува е фактот дека ги имаме усвоено и имплементирано темелните стандарди на современиот парламентаризам и одиме во позитивен правец кога станува збор за опозицијата и нејзините права и обврски. Притоа, мора да ја истакнам улогата и помошта која ја добивавме и ја добиваме од Советот на Европа и неговите тела, пред сè мислам  на Венецијанската комисија. Токму затоа, верувам дека од нашава конференција сите ќе се вратиме дома со нови искуства, со заеднички препораки како и понатаму да ја развиваме парламентарната демократија. На крајот, сакам да изразам благодарност до нашиот домаќин за одличната организација на оваа конференција.

Ви благодарам

Click