Собраниско раководство



Понеделник, 4 април 2011 година, Брисел

Обраќање на претседателот Вељаноски на Конференција на претседатели на парламенти од Европската унија

Почитуван претседавач,
Дами и господа,

Добро ги паметам миговите, кога слободоумните и демократски ориентирани граѓани на Македонија, во предвечерието на падот на комунизмот, поттикнати од големите демократски идеи на западниот либерален свет, многупати ја согледувавме јасната констатација дека не можеме да говориме за демократија, доколку не знаеме точно што властите прават.

Денес, по две декади од освојувањето на демократијата, доколку погледнеме наназад, со гордост може да си спомнеме на исчекорите кои беа направени. Слободата беше освоена, a тоталитаризмот поразен. Семето на демократијата беше посеано на македонската почва. Меѓутоа, почитувани пријатели, природата на демократската власт, во својата основа го има перманентното чекорење кон хоризонтот на слободата, чиј главен столб се граѓаните.

Во тоа светло, дополнителна алатка што ни ја донесе новото време, бездруго, е развојот на информатичката техологија и интернетот. Оттаму, основната дилема е каков одговор треба да вообличи современата демократска држава, во оваа ера на забрзан технолошки развој во која информацијата е лесно достапна, бесплатна, а изворите на информирање се потполно децентрализирани. Секогаш одговорот на вечната битка за слобода е сведувањето на слободата на медиумите, сама на себе, без никакви ограничувања.

Овие околности за мене и за македонското собрание се основата, што ни овозможува уште повеќе да им ги отвориме вратите на Собранието на македонските граѓани преку слободниот печат, кој многу добро го дефинираше францускиот книжевник и филозоф Алберт Ками: „Тој може да биде добар или лош, но сосема е сигурно дека без слободата на информирањето, сè ќе биде лошо во државите“.

Почитувани пријатели,

Македонскиот законодавен дом се обидува во најголема можна мера да се приближи до хоризонтот на слободата на информирањето, имајќи ги постојано во вид трендовите на развојот на информатичката технологија. Во конкретна смисла, во рамките на јавниот телевизиски сервис, чиј основач е Собранието на Република Македонија, функционира посебен парламентарен канал, кој е нашата главна комуникациска порта со граѓаните. Преку неа се врши директен пренос на сите пленарни седници и пренос на седниците на работните тела, како и јавни расправи, но и надзорни расправи, преку кои, практично, се реализира надзорната функција на парламентот врз извршната власт. Во оваа смисла, следејќи ги компаративните искуства на државите-членки на Европската унија, во догледен период, содржините на парламентарниот канал ќе ги збогатиме со воведување на специјализирани емисии посветени на парламентарното работење, секојдневни парламентарни вести, дебатни емисии, посебни тематски емисии и слични информативни содржини.

Втора значајна алатка на нашата медиумска стратегија, бездруго, е интернетот. Имајќи го предвид фактот дека повеќе од 70% од македонските граѓани секојдневно редовно пристапуваат на интернет, Собранието на Република Македонија ја унапреди својата интернет-страница, која во моментов ги обединува улогите и на телевизијата и на печатот, а воедно претставува и место каде може да се пронајде сè што е важно, а се однесува на македонската законодавна власт од стекнувањето на независноста до денес. Конкретно, на интернет-страницата www.sobranie.mk, граѓаните можат да ги видат сите материјали што влегуваат во собраниска процедура, може да се следи канал за видео-пренос на пленарните седници во живо, а во видео-архивата наскоро ќе можат да се погледнат видео-записи на сите пленарни седници, од осамостојувањето на Македонија до денес. Преку www.sobranie.mk, настојувавме да ја развиеме и интерактивната функција со нашите граѓани, па, во таа смисла, граѓаните може да се обратат до секој пратеник за да ги сподели сопствените видувања, анализи или предлози за одредени прашања.

Дами и господа,

Во шеесеттите години на 20. век, во екот на развојот на печатените медиуми, во еден локален весник во САД, се појавува наслов, кој отприлика вели: „не знаеме доволно точно дали светот станува полош или пак репортерите работат многу повеќе“. Денес, во ерата во која информирањето добива сосема нова форма како резултат на развојот на информатичката технологија, за нас, како политичари, но пред сè како луѓе, сметам дека е особено важно да продолжиме да ги освојуваме хоризонтите на слободното информирање, да ги имплементираме новите трендови во развојот на медиумите и, секако, да работиме колку е можно подобро во служба на државата и граѓаните, за да покажеме дека, сепак, и светот може да биде подобар, а и новинарите да работат уште повеќе.

Ви благодарам.

Click