Понеделник, 18 април 2011 година

Филм сниман во Македонија доби награда од Советот на Европа

Филмот„Како да ме нема“ во ирско-шведско-македонска копродукција на режисерот Хуанита Вилсон, е добитник на филмската награда „FACE“, која ја доделува Советот на Европа за придонес кон развојот на човековите права преку филмот. Најголемиот дел од овој филм е сниман токму во нашата земја, со главна улога на македонската актерка Наташа Петровиќ и учество на голема македонска екипа, а е поддржан од Филмскиот фонд на Република Македонија



Петок, 15 април 2011 година

Филмска награда за човекови права од Советот на Европа

Режисерот на филмот којшто ја подигнува јавната информираност и интересот за човековите права и ја зголемува свеста за нивната важност, ќе се закити со филмската награда „FACE“, која ја доделува Советот на Европа, за време на завршницата од 30. Меѓународен филмски фестивал во Истанбул



Вторник, 12 април 2011 година

Руската „Комисија против тортура“ наградена за човекови права

Парламентарното собрание на Советот на Европа одлучи својата награда за човекови права за 2011 година, да ѝ ја додели на руската невладина организација „Комисија против тортура“, како признание за помагањето на жртвите од сериозни нарушувања на човековите права во Чеченија, како и одржување јавни истраги за случаите со малтретирање и злоставување

„Со овозможување на почеток на судење за престапниците, Комисијата направи значаен придонес кон зајакнувањето на законодавните права и борбата против незаконитоста“, се вели во одлуката на жири-комисијата.

Руската организација е победник меѓу вкупно десетте номинирани поединци и организации за втората годишна награда на Парламентарното собрание на Советот на Европа.

Наградата, која се состои од 10.000 евра, плакета и диплома, ќе се додели на церемонијата за време на јунската седница на Собранието во Стразбур. 



Понеделник, 28 март 2011 година

Советот на Европа ги наградува активистите за глобална солидарност и меѓузависност

Поранешниот претседател на Бразил, г. Луис Инасио Лула да Силва и претседателот на Меѓународната кризна група, г-ѓа Луиз Арбур, се добитници на наградата „Север-југ“ за 2010 година, која се доделува секоја година од страна на Советот на Европа, на двајца кандидати кои придонеле за популаризирање на глобалната солидарност и меѓузависноста.

Наградата ќе ја додели претседателот на Португалија, г. Анибал Кавако Силва, за време на утрешната церемонија во португалскиот Сенат.

На церемонијата во Лисабон ќе учествуваат и: генералниот секретар на Советот на Европа, г. Торбјорн Јагланд; претседателот на Парламентарното собрание, г. Мевлут Чавушоглу; претседателот на португалскиот Парламент, г. Жајме Гама; претседателот на Извршниот совет на Центарот „Север-југ“, г-ѓа Дебора Бергамини и претседателот на Португалската парламентарна делегација во ПАСЕ, г-ѓа Вера Жардим.

Триесет и петтиот бразилски претседател, г. Луис Инасио Лула да Силва, е награден за своето активно делување во односите „Југ-југ" и за надворешна политика која промовира глобална борба против сиромаштијата, економски развој и социјален капитал. Тој е политички активист уште од својата 19-та година и е основач на Работничката партија.

Актуелниот претседател на Меѓународната кризна група, г-ѓа Луиз Арбур, се одликува за нејзиното дејствување во заштитата на човековите права. Во 1995 година таа била назначена за комесар за покренување истрага во женскиот затвор во Кингстон, една година подоцна за тужител на Меѓународниот трибунал за случаи на геноцид во поранешна Југославија и Руанда, а има работено и како врховен комесар на ООН за човекови права од 2004 до 2008 година.

Инаку, минатата година, наградата „Север-југ“ отиде во рацете на г-ѓа Рола Дашти, кувајтски активист за заштита на демократските реформи, еднаквост на половите и зголемување на улогата на жените во општествениот живот и г. Михаил Горбачов, поранешен претседател на Советскиот Сојуз.



Петок, 11 февруари 2011 година

Европски „Ден 112“

Денеска, на 11 февруари, се одбележува европскиот ден 112 – бројка која го означува телефонскиот број кој може бесплатно да се повика за итни случаи во сите 27 земји-членки на Европската унија

Click