ЕУ вести

Вторник, 1 октомври 2013 година

Доделена првата награда „Вацлав Хавел“ за човекови права

Белорускиот активист Алеш Бјаљацки е првиот добитник на наградата „Вацлав Хавел“ за човекови права, која ја доделува Парламентарното собрание на Советот на Европа. Бидејќи тој се наоѓа во затвор, наградата вредна 60.000 евра ја прими неговата сопруга Наталија Пинчук, во рамките на вчерашната специјална церемонија во „Палатата на Европа“ во Стразбур, на денот на отворањето на есенската пленарна сесија на ПССЕ.

При доделувањето на наградата, претседателот на ПССЕ и воедно на жирито, г. Жан-Клод Мињон, истакна дека Алеш Бјаљацки бил постојан во неговата секојдневна борба против кршењето на човековите права, неправдата, самоволието и апсолутизмот.

51-годишниот Алеш Бјаљацки, кој е во затвор од 2011 година  поради даночно затајување, многу години се борел да им помогне на жртвите на политичките репресии и го информирал светот за кршењето на човековите права во Белорусија. Тој е претседател на Центарот за човекови права „Вјасна“, формиран 1996 година, а од 2007 година е заменик-претседател на Меѓународната федерација за човекови права. 

Од 27 номинирани, Алеш Бјаљацки во потесниот круг ги победи Грузиското здружение на млади правници и Мрежата за одбрана на правата од Кина, кои мораа да се задоволат само со дипломи.

Наградата „Вацлав Хавел“ од годинава се доделува како замена за наградата за човекови права на ПССЕ, основана 2007 година, на поединец, невладина организација или институција за бранење на човековите права.

Инаку, Вацлав Хавел е чешки драматург, есеист, дисидент и политичар, противник на тоталитаризмот, последен претседател на Чехословачка и прв претседател на Чешката Република, кој почина во 2011 година.
Click