ЕУ вести



Среда, 18 септември 2013 година

Седум номинирани за наградата „Сахаров“

Малала Јусафа (Пакистан); Едвард Сноуден (САД); Рејот Алеми и Ескиндер Нега (Етиопија ); Алеш Бјалатцки, Едуард Лобу и Микола Статкевич (Белорусија); Михаил Ходорковски (Русија); демонстрантите „Постојан човек" (Турција); како и Проектот за слобода на Си-Ен-Ен: „Стоп на модерното ропство“ (САД), се седумте номинирани за наградата „Сахаров“, која ја доделува Европскиот парламент за слобода на мислата.

Уште на свои 11 години, Малала Јусафа, преку пишување блог под псевдоним, ја започнала борбата за право на женско образование, слобода и самоопределување во долината Сват во Пакистан, каде што талибанскиот режим забранил девојките да посетуваат училиште.

Едвард Сноуден е компјутерски експерт кој работел за Американската национална агенција за безбедност, кој открил тајни документи во печатот, за што е обвинет за шпионажа во САД и сега е во привремен азил во Русија.

Рејот Алему и Ескиндер Нега се етиопски новинари кои се наоѓаат на издржување затворски казни под обвинение за тероризам. Алему пишувала колумни во кои ја критикувала владата, а Нега го критикувал гонењето на новинарите и дисидентите во Етиопија.

Претседателот на Центарот за човекови права „Вјасна“ - Алеш Бјалатцки, активистот Едуард Лобу и претседателскиот кандидат Микола Статкевич се белоруски политички затвореници од декември 2010 година, кога протестирале на улиците на Минск во врска со претседателските избори.

Рускиот бизнисмен Михаил Ходорковски се залагал за независен судски систем и почитување на владеењето на правото. Бил обвинет за измама и осуден на девет години затвор во мај 2005 година, но казната му е продолжена до 2017 година.

Ердем Гундуз бил првиот човек на демонстрантите „Постојан човек"  во протестот на плоштадот Таксим во Истанбул, залагајќи се за либерално општество и почитување на човековите права и слободи.

Проектот за слобода на Си-Ен-Ен: „Стоп на модерното ропство“ е глобална медиумска кампања против трговијата со робови и луѓе.

Од седумте кандидати, во потесниот круг ќе бидат избрани тројца, а победникот ќе биде соопштен на 10 октомври во Стразбур.

Click